1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Застарен сексуален морал

Папата Бенедикт Шеснаесетти во Африка го повтори ставот: Не за кондомите, и покрај сидата! Со оглед на трагедиите што ги предизвикува болеста, сексуалниот морал што го проповеда папата е неразбирлив за денешниот свет.

default

Папата во посета на Африка

Во јужниот дел на Африка, од ХИВ се заразени повеќе од 22 милиони лица. Од болеста годишно умираат десетици илјади. Во некои африкански земји поради тоа просечниот животен век е намален за десет години - станува збор за катастрофа од библиски размери.

Затоа изјавата на папата Бенедикт, дека употребата на кондоми не го решава проблемот со сидата, туку напротив, уште повеќе го влошува, е вистински скандал. Наместо да се фокусира на оние, кои веќе се заразиле, или, пак, ги демнее голема опасност да се заразат, папата проповеда некаков застарен сексуален морал. Покрај тоа, неговата изјава, едноставно, не е точна: во земјите како Сенегал, каде се пропагира употребата на кондоми, стапката на новозаразени од ХИВ е значително помала, отколку во останатите земји.

Да беа изјавите на Бенедикт само застарени, можеби немаше да предизвикаат толкави бранувања. Но, со оглед на човечките страдања, неговата изјава е цинична - наместо благовест, тој при посетата на Африка донесе погрешна порака. Што сака да им порача папата на 3,2 милиони сирачиња во јужниот дел од Африка, кои се заразени со сида? Или на брачните парови, од кои само едниот партнер го носи вирусот во себе? Нели се чувствува црквата одговорна за животот на сите луѓе, како на уште неродените, така и на оние веќе возрасните?

Deutsche AIDS-Stiftung in Afrika

На африканскиот континент од сида се заразени 22 милиони лица

Застарен ортодоксен тон онаму каде што треба дијалог

Она што може да не’ утеши е фактот што Католичката црква е многу понапредна, отколку нејзиниот поглавар. Во многу африкански земји и црквени лица делат кондоми. А во Германија еден бискуп и отворено им се спротивстави на изјавите на својот шеф.

Изјавата на Бенедикт е доволно скандалозна сама по себе - но уште полошо е што таа го карактеризира целиот период, во кој Бенедикт е на чело на католичката црква. Било да станува збор за враќање на молитвата, во која се моли за христијанизација на Евреите; за рехабилитирањето на негаторот на холокаустот, бискупот Вилијамсон, или, пак, за најновите изјави дадени во Африка. Папата настапува со застарен, ортодоксен и тврдокорен став, таму каде што е неопходен дијалог и многу голема дипломатска вештина.

Ставовите на папата Бенедикт ќе придонесат се` повеќе луѓе да ја напуштат католичката вера, секој на свој начин. Во Германија верниците ги напуштаат црквените заедници, а во Африка - умираат од сида!