1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Засилен притисок врз Израел

Американскиот претседател врши засилен притисок за постигнување напредок во мировниот процес на Блискиот Исток. За време на средбата со палестинскиот претседател тој упати апели како до Палестинците така и до Израелците.

default

Барак Обама и Махмуд Абас

Американскиот претседател, Барак Обама, за време на средбата со Махмуд Абас во Белата куќа ја повтори пораката до Израел што претходно во невообичано јасна форма ја упати министерката за надворешни работи Хилари Клинтон: „Претседателот Обама беше многу јасен кога израелскиот премиер Нетанјаху беше овде. Тој сака да види запирање на изградбата и проширувањето на еврејските населби. Сметаме дека е во најдобар интерес тоа што се ангажираме во запирањето на експанзијата на еврејските населби“, рече Клинтон.

Апел до Израелците и Палестинците

Претседателот Обама истотака најави дека ќе продолжи да врши притисок врз израелскиот премиер Нетанјаху во таа насока. Тој потенцираше дека неговата земја останува верен сојузник на Израел. Сепак во блискоисточниот конфликт потребно е двете страни да дадат свој удел за да може да се оствари решението за две држави, што значи основање на суверена палестинска држава која живее во мир со Израел. Долгорочно тоа е и во интерес на Израел, истакна Обама.

Американскиот претседател истовремено упати апел и до Палестинците повеќе да се ангажираат за безбедноста во автономните палестински области, како и против анти-израелското расположение во училиштата и џамиите.

Обама прави напори да воспостави нова успешна американска политика за Блискиот Исток

На заедничката прес-конференција со претседателот на Палестинците, Барак Обама му оддаде почит на Абас, кој и покрај големиот притисок на кој е изложен во преговорите со радикално-исламистичката група Хамас, опстојува на ставот дека треба да биде признато правото на постоење на Израел и прифатени заложбите за мировно решение. Абас го увери својот домаќин дека неговата влада ќе ги исполни сите обврски и постигнати договори.

Средбата со Абас е дел од напорите на Обама за воспоставување нова успешна американска политика за Блискиот Исток. Тој во април веќе се сретна со јорданскиот крал Абдула Втори, а минатата недела гостин во Белата куќа беше израелскиот премиер Нетанјаху. На почетокот на јуни Обама ќе отпатува на блиско-источна турнеја за време на која ќе води разговори и со саудискиот крал Абдула и со египетскиот претседател, Хосни Мубарак.


Автор: СН/АТ/дв

Редактор: Александра Трајковска