1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Запрен брод со делови за ракети за Северна Кореја

Панамските власти запреа брод со делови за ракети, наменети најверојатно за Северна Кореја. Бродот бил натоварен со шеќер, а доаѓал од Куба.

Претседателот на Панама, Рикардо Мартинели, соопшти дека бродот бил запрен пред да влезе во Панамскиот канал (на фотографијата) поради тоа што безбедносните служби се сомневале дека со него се превезува дрога. Поради тоа е направен претрес на бродот, инаку натоварен со големи количества шеќер.

„Почнавме да го истовараме шеќерот и најдовме два контејнера, кои веројатно содржат делови за ракети“, рече Мартинели. На бродот потоа се одиграле драматични сцени. Капетанот се обидел да си го одземе животот, а екипажот пружал отпор на полицијата, соопшти Мартинели, додавајќи дека се уапсени 35 членови на екипажот.

Бродот ќе биде предмет на натамошна истрага. Претседателот на Панама нагласи дека низ Панамскиот канал не смее да се превезува недеклариран воен материјал. „Панамскиот канал е канал ма мирот, а не на војна“, изјави Мартинели.

Каналот долг 80 километри, кој ги поврзува Атлентикот и Пацификот, е едeн од најважните меѓународни транспортни водени патишта. Низ него годишно минуваат околу 14.000 бродови.

Комунистичка Куба, која е голем извозник на шеќер, има традиционално добри односи со Северна Кореја. Заднината на транспортот на делови за ракети е нејасна. Според панамските власти, бродот ја имал Северна Кореја како крајна цел.