1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Започнува Светскиот економски форум - во Давос повторно вонредна состојба

Така е секоја година кога во швајцарското гратче високо во Алпите се собираат водечки светски личности од политиката и стопанството да расправаат за глобалните економски предизвици и за меѓународните кризни жаришта. Годинашниот Светски економски форум со 2250 учесници започнува денеска, а ќе трае до недела.

Алпска „идила“ со бодликав тел: Давос денеска

Алпска „идила“ со бодликав тел: Давос денеска

Босови од стопанството, политичари, ѕвезди и новинари од целиот свет – форумот, некогаш едноставната средба на менаџери, стана манифестација која треба да и’ служи на повисоката цел: подобрување на светот. Нејзиното годинашно мото гласи: “Да се преземе одговорност за тешки решенија”. Основачот и шеф на Форумот Клаус Шваб образложува: “Водечките сили сакаме да ги потсетиме дека не треба да биде префрлена на други, пред се’ не на наредната генерација, одговорноста за одлуките со кои мора да се решат темелните проблеми како глобалното затоплување, Африка, реформата на социјалните системи и многу друго”.

Во изминатите неколку години честопати една тема доминираше на Форумот – како на пример Ирак. Годинава ги има повеќе: покрај промената на климата, блискоисточниот конфликт, ситуацијата во Африка, ќе стане збор и за чисто економски теми како развојот на цената на нафтата или валутните курсови, на пример. Ќе најде место и цунами-катастрофата, но нема да биде во фокусот.“Ако од тоа извлечеме поука, тогаш таа би била дека катастрофата покажа оти ние само заеднички можеме да се справиме со големите глобални предизвици – природни или предизвикани од човекот, се’ едно. Тоа не можат сами да го сторат ни деловните луѓе, ниту владите или цивилното општество. Давос ја отсликува таа свест” – вели Шваб.

Годинава е упадливо силното учество на Европејците: од претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Барозо, преку Жак Ширак до Тони Блер. И Германија по подолго време е претставена на највисоко ниво – со канцеларот Герхард Шредер. Американците, обратно, се многу слабо застапени на политичко ниво, што официјално е образложено со календарот на термини. Други, како украинскиот претседател Виктор Јушченко, го користат Форумот за свое политичко пласирање. Форумот останува неповторлива берза за контакти, која нуди многу можности за разговори и зделки зад кулисите и изолирани од медиумите, кои мора да останат зад оградата. Ќе се дискутира, но и интензивно ќе се слави на банкети и заносни приеми.

Во Давос, како и во изминатите години, ќе биде присутно и протестното движење против глобализацијата преку сопствениот мал форум “Око на јавноста”. Неговиот претставник Матијас Херфелт вели: “Наша цел е да дадеме придонес за јавни, критички дискусии во врска со Светскиот економски форум и со глобализацијата, пред се’ со нејзината темна страна.”

Но, протестите станаа споредбено поскромни. Од страв од терористички напади анагжирани се илјадници војници и полицајци, подигнати огради од бодликав тел, а се врши и надгледување од воздух.