1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Започна јубилејното 100. издание на Трката низ Франција

Денеска започна 100. издание на една од најпопуларните и најпознати велосипедски трки во светот- „Тур Д'Франс“. Најголем фаворит за освојување на насловот е поранешниот првак, Шпанецот Алберто Контадор.

За првпат во својата 100 - годишна историја, Трката низ Франција започна на островот Корзика. Во истовреме тоа е првпат и воопшто трката да се вози низ Корзика, која Французите ја нарекуваат „Остров на убавината“.

Првата рунда во должина од 213 километри започна во Порто Векио на југ а ќе се вози до Бастија на северот.

Меѓу тимовите кои настапуваат најголем фаворит за освојување на титулата е британскиот „Тим Скај“, чии велосипедисти и лани го однесоа трофејот.

Трката годинава сепак се соочи со откажување од неколку врвни имиња. Меѓу нив, организаторите најмногу ги погоди откажувањето на минатогодишниот победник, Британецот Бредли Вигинс. Неговиот колега од „Тим Скај“, Крис Фром затоа се најде меѓу фаворитите за освојување на титулата. Уште двајца други поранешни победници, Кадел Еванс од Австралија и секако Шпанецот Алберто Контадор се во најтесниот список на фаворитите на трката.

Севкупно 198 возачи се натпреваруваат на трката која се состои од 21 етапа, со финишот традиционално закажан за Париз на 21 јули.

И годинава, како и претходните сезони, трката е обременета со обвинувањата и признанијата за допинг од поранешните победници. Минатата недела, победникот од 1997 година, Германецот Јан Улрих призна дека се допингувал, а во Франција избувна скандал откако весникот „Лекип“ го обвини некогашниот победник Лорен Жалабер дека се допингувал во 1998 година.

Точка на обвинувањата стави посрамотениот седумкратен победник Ленс Армстронг откако изјави дека е „невозможно да се победи на Тур без да се земаат забранети супстанци“.