1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Започна ослободувањето на нова група од повеќе стотици затвореници од Абу Гариб

“Вашингтон пост” денеска објавува нови сведоштва за изживувањето на американски војници врз затворените Ирачани. Државниот секретар Колин Пауел е уверен дека ќе биде постигната согласност околу нова резолуција за Ирак во Советот за безбедност на ОН.

Затворот Абу Гариб кај Багдад

Затворот Абу Гариб кај Багдад

472 Ирачани денеска го напуштаат злогласниот затвор Абу Гариб. Првите од вкупно предвидените 13 автобуси со ослободените затвореници веќе заминаа. Надвор од затворот тие беа пречекани од толпа луѓе кои го славеа пуштањето на затворениците, за кои за многумина во Ирак се верува дека биле предолго држени или без сериозна причина уапсени. Во тоа уште повеќе Ирачаните ги уверува и фактот дека масовното ослободување уследи дури откако скандалот со мачењата во затворот доби широки димензии. Минатата недела беа ослободени 300 затвореници. Се планира во Аби Гариб од сегашните меѓу 3500 и 5 илјади, да останат вкупно 1500 затворени Ирачани. Другите или ќе бидат ослободени, или преместени во други затвори.

“Вашингтон пост” во денешното издание објавува сведоштва на 13 луѓе кои минале низ пеколот на Абу Гариб. Во инцидентите, што се одигрувале во ноќната смена во еден дел од затворот за време на прославата на муслиманскиот празник Рамазан, затворениците биле клоцани, тепани, сексуално малтретирани и понижувани, биле принудувани да јадат свинско месо и да пијат алкохол, што верата им го забранува.

САД во меѓувреме настојуваат за постигнување согласност во Советот за безбедност за нова резолуција за Ирак со која би била потврдена провизорната преодна влада и би била дефинирана улогата на ОН. Министерот за надворешни работи Колин Пауел е уверен дека напорите ќе вродат плод: “Резолуција од Советот за безбедност на ОН е многу важна. Јас, врз основа на дискусиите што ги имавме со многумина министри за надворешни работи и со членовите на Г8, сум сосем уверен дека ќе бидеме во состојба да донесеме резолуција. Тоа е резолуција која ќе ја потврди оваа преодна ирачка влада. Тоа е резолуција за која сум уверен дека ќе го потврди процесот што го води Брахими, за тоа како да се оди понатаму”, рече Колин Пауел.