1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Започна одбројувањето – една година до олимпијадата во Пекинг

Во Пекинг од манифестацијата на плоштадот Тјенанмен упатен повик до земјите-членки на МОК да учествуваат на игрите. Домаќинот подготвува величествена спортска манифестација, а САД навестуваат можност за бојкот на игрите.

default

Од градилиштето на олимискиот стадион во Пекинг

10 илјади луѓе присуствуваат на свеченоста што се одржува на строго обезбедениот Плоштад на небескиот мир во Пекинг, илјадници се врткаа околу центарот со часови пред почетокот на главната од вкупно преку 60 манифестации од најразличен вид денеска во Пекинг. Кога олку на големо се одбележува една година до почетокот на олимпијадата, може само да се претпостави како ќе изгледа за време на нејзиното одржување! “Мислам дека досега не сме доживеале подготовки од вакви размери” констатира деновиве претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) Жак Рог во Пекинг.

На централната манифестација 130 водечки поп-ѕвезди од Кина, Хонгконг и Тајван го изведоа олимпискиот сонг “Подготвени сме”. Од манифестацијата Жак Рог упати формален повик до сите 205 земји-членки на олимпиското движење да учествуваат на игрите, што ќе започнат на 8-ми август 2008-ма година. Одбројувањето започна во осум часот, осум минути и осум секунди навечер по локално време – за Кинезите бројката осум има посебно значење и ветува среќа и богатство.

Кина ќе потроши цело богатство во подготовката на објектите за игрите и за нивното спроведување. Се вршат дури и тестови што треба да обезбедат сончево време во деновите на олиппијадата, или пак да може да се испровоцира дожд за да го исчисти воздухот – загаденоста е голем проблем на Пекинг, што може да доведе и до промени на програмата на олимпијадата. “Тоа е една опција, нема да биде неопходно за сите спортови. Дефинитивно тоа е проблем за долготрајните спортски натпревари како велосипедските трки кои траат и до шест часови. Тие спортови можат да бидат одложени или префрлени за некој друг ден” – рече во Пекинг претседателот на МОК Жак Рог.

Кинезите ветиле дека на околу еден милион од вкупно 3,3 милиони автомобили во градот ќе им биде забрането возење во деновите на олимпијадата, а фабриките за три месеци ќе ја прекинеле својата работа. Во меѓувреме од околината на Пекинг се преместени рафинерии и челичани – се’ само за да се намали загадувањето на воздухот.

Еден од принципите на олимпизмот е немешање на политиката во спортот, но во пракса тоа е тешко одржливо, како што се покажува и на примерот на Пекинг. Организации за човекови права и група кинески дисиденти го искористија фокусирањето на меѓународната јавност врз Пекинг за разни акции со кои сакаат да обрнат внимание на состојбата со човековите права во Кина. Амнести интернешенел побара од Кина и подобрувањето на таа состојба да биде дел од подготовките за олимпијадата.

Во САД, пак, во игра и официјално е можен бојкот на олимпијадата во Кина. Претставници на републиканците во Претставничкиот дом на Конгресот поднесоа на разгледување резолуција во која се вели дека се’ додека Кина не ги запре “сериозните кршења на човековите права” и ги подржува владите во Судан, Бурма и Северна Кореја, мора да се има предвид и можноста за бојкот.

Зоран Јордановски