1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Запечатен целокупниот сириски хемиски арсенал

Инспекторите на Организацијата за забрана на хемиското оружје соопштија дека го ставиле под контрола речиси целокупниот арсенал на хемиско оружје во Сирија.

Меѓународниот тим инспектори за контрола на хемиското оружје во Сирија ја запечати комплетната залиха на сирискиот хемиски арсенал и хемиските агенси од над 1.000 тони, соопшти денеска (31.10) Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОЗХО).

„Комплетните залихи на хемиското оружје и агенси се изолирани, така што е невозможно да се дојде до нив“, изјави портпаролот на ОЗХО Кристијан Картие и додаде дека печатите не можат да се фалсификуваат.

„Вкупно има 1.000 тони хемиски агенси, кои можат да се користат за правење хемиско оружје, и 290 тони хемиско оружје“, рече Картие. Портпаролот на ОЗХО додаде дека оружјето и агенсите ќе останат на своите локации, оти уште не се во состојба да ги поместуваат. Сирија веќе претходно соопшти дека поседува околу 1.290 тони хемиско оружје и агенси, како и 1.230 гранати, ракети и минофрлачи, кои не се наполнети со хемиско оружје.

Претходно, ОЗХО соопшти во документ дека Сирија ги исполнила ангажманите за уништување на целата опрема за производство на хемиско оружје. „На тој начин Дамаск го испочитува крајниот рок во амбициозната програма за разоружување“, се наведува во документот. ОЗХО додава дека нејзиниот тим контролирал 21 од 23-те комплекси во земјата, во кои се произведува хемиско оружје. Останатите два се премногу опасни за да бидат проверени, но опремата веќе е преместена на други места кои експертите ги посетиле, се наведува во документот.

Инспекторите извршиле инспекција врз 39 од вкупно 41 инсталација во тие објекти. Меѓу нив 18 инсталации се наменети за производство, 12 - за складирање на производството, осум се мобилни инсталации, наменети за склопување, а три се опишани како „инсталации поврзани со хемиското оружје“. Следната етапа ќе почне на 15 ноември, кога извршниот совет на ОЗХО ќе усвои детален план за уништување на сирискиот хемиски арсенал.

Инспекторите на ОЗХО, со седиште во Холандија, имаат рок да ги уништат сите залихи на хемиското оружје во Сирија до средината на 2014 година, во согласност со резолуцијата на Советот за безбедност на ОН.