1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Западот ја осудува одлуката на Москва за признавање на Абхазија и Јужна Осетија

Владите на западните земји остро го осудија признавањето на сепаратистичките региони Абхазија и Јужна Осетија од страна на Русија. Рускиот претседател Дмитриј Медведев пак порача: топката сега е кај Европејците.

default

Грузискиот конфликт ги заостри односите на западот и Русија

Американскиот претседател Џорџ Буш одлуката на Москва ја нарече „неодговорна“, таа само ќе ги влоши затегнатостите на Кавказ и е отежнување за наоѓањето дипломатско решение. Американската министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс укажа:

„Ова ја става Русија во позиција на спротиставеност кон бројните резолуции на Советот за безбедност на ОН, чиј член е и таа.“

И ЕУ ја осуди одлуката. Германската канцеларка Ангела Меркел потегот на Москва го оцени за апсолутно неприфатлив:

„Според моето и нашите сваќања, ова противречи на принципот на територијалниот интегритет, еден од основните во меѓународното право,“ потенцира Меркел.

Сакашвили бара поостар одговор од ЕУ

Грузискиот претседател Михаил Сакашвили побара од ЕУ да преземе мерки:

Русија своеволно и со употреба на сила ги менува границите на Европа. Ако Европа само еднаш го дозволи тоа, тогаш Русија и во иднина ќе се обидува да го прави истото, изјави грузискиот претседател.Сакашвили ја пофали канцеларката Ангела Меркел за нејзиниот одлучен став кон Москва.

Францускиот министер за надворешни работи Бернар Кушнер изрази загриженост поради извештаите за етничко чистење од страна на руските трупи во Грузија. Истовремено, се изјасни за разговори со Русија и предупреди од влетување во конфронтација.

Полскиот претседател Лех Качински го обвини руското раководстсво за кршење на меѓународното право. Со признавањето на Јужна Осетија и Абхазија Москва сака само да ги санкционира последиците од беспримерната агресија кон независната грузиска држава, рече Качински.

Во ОН дипломатите се единствени дека рускиот потег го отежнува или блокира донесувањето резолуција за кавкаскиот конфликт.

Медведев: топката е кај Европа

Рускиот претседател Дмитриј Медведев пак го оправдува својот курс во конфликтот во Грузија. Топката сега е кај Европејците, изјави Медведев за агенцијата Интерфакс. Дали односите меѓу Русија и ЕУ ќе се подобрат или влошат, зависи само од Европа. Москва се надева на смирување на ситуацијата и нормализирање на односите, не е пожелна нова студена војна, која само би донесла проблеми за сите, потенцираше шефот на Кремљ.

САД инаку се откажаа од донесување хуманитарна помош со воен брод во грузиското пристаниште Поти, во чија близина се позиционирани руските трупи. Воениот брод Далас ќе вплови во пристаништето Батуми, соопшти денеска портпарол на американската амбасада во Тбилиси.






DW.COM