1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Западот не исклучува ниту една опција околу Либија

Меѓународниот притисок врз либискиот владател Моамер ел Гадафи постојано расте. САД размислуваат за прекин на дипломатските односи со Триполи. Опозицијата во Либија наводно дискутира со Западот околу воена интервенција.

default

Бан Ки-мун говореше пред гласањето за исклучување на Либија

Поради бруталниот однос на режимот на Моамер ел Гадафи кон неговите противници, Либија синоќа официјално беше исклучена од Советот за човекови права на ОН. Повеќе од две третини од 192-те членки на Генералното собрание на ОН на пленарна седница се изјасија за исклучување на Либија. Никогаш претходно Светската организација не постапила во ваква форма против активна членка.

Според американските медиуми, опозицијата во Либија дискутира околу барање до Западот, со воздушни воени напади со мандат на ОН да придонесе кон смена на Гадафи. Како што пишуваат весниците „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“, повикувајќи се на повеќемина членови на Револуционерниот совет, станува збор за напади врз воените воздушни бази и комуникациските центри, како и за надгледување на крајбрежјето. Досега не постојат никави знаци дека членките на Советот за безбедност на ОН би дале таква согласност.

Американскиот министер за одбрана Роберт Гејтс засега не гледа можност за воена интервенција во Либија. Тој вчера изјави дека не постои договор со НАТО за воен ангажман од тој тип. САД не сакаат да бидат вовлечени во војна на Блискиот Исток, нагласи Гејтс. Пентагон сепак потврди дека САД разгледуваат цела редица воени опции, но нема никаква одлука, изјави на прес-конференција Мајк Мулен, шефот на Генералштабот во Вашингтон. Гејтс и Мулен ја истакнаа комплексноста на сите тие опции, поврзани со хуманитарни мерки и евакуација.

Flash-Galerie Ägypten Libyen ägyptische Gastarbeiter an der Grenze

Западот стравува од хуманитарна катастрофа во Либија

Стратешки одговор од ОН

САД во Средоземното Море распоредија два воени брода, заради пружање хуманитарна помош и евакуација. Канада, пак, во регионот испраќа регата заради поддршка на можни меѓународни акции во врска со либиската криза. Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон предупреди од долгогодишна граѓанска војна во Либија. Додека целиот регион го потресуваат промени, решавачки би бил силен и стратешки одговор на ОН, изјави Клинтон. Таа повторно го предупреди Гадафи дека САД не исклучуваат ниедна опција, се` додека либискиот режим и натаму користи оружје против сопствениот народ.

Бранот бегалци ја става Либија, но и околните соседи пред се` поголеми проблеми. Според УНЦХР, околу 140 илјади луѓе ја напуштиле Либија, барајќи спас во Тунис и Египет.

Автор: ЖА/ТТ/дпа/ројтерс

Редактор: Трајче Тосев

DW.COM