1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Западот и неговата дискретна мисија во Сирија

Досега не се знаеше дали и во која мерка западните тајни служби ја поддржуваат сириската опозиција. Во медиумите имаше разни шпекулации. Сега сликата е малку појасна.

Дискрецијата е една од главните карактеристики на разузнавачките служби ширум светот. Тоа е причината поради која тие водат сметка за тоа што помалку да се знае и за нивното ангажирање во Сирија. Западните влади официјално го отфрлаат воениот ангажман во Сирија. Меѓутоа, тоа дека се тие одамна активни во земја каде е разгорено насилството, повеќе не може да се сокрие.

Веќе некое време се знае дека агентите на ЦИА во Турција го надгледуваат трансферот на оружје за сириските бунтовници. Активна е, велат познавачите, дури и британската тајна служба. Таа развојот на настаните во Сирија го следи од Кипар и ги снабдува бунтовниците со стратешки важни информации. Според зборовите на Ерих Шмит Енбом, директорот на Истражувачкиот институт за мировна политика во Вајлхајм во Баварија, „дискретните“ акции на западните тајни служби не се изненадување. „На промена на режимот во Сирија работат истите разузнувачки служби, кои доведоа до уривање на Гадафи од власта во Либија“, објаснува Енбом за ДВ.

Syrien Rebellen Kämpfe 13.08.2012

Сириските бунтовници подолго време добиваат разузнувачка помош од Западот

Ограничени активности на ЦИА

„Американската ЦИА веќе неколку месеци е активна, главно од Турција“, кажува Енбом. Тоа не го порекнува ни Дејвид Полок, директорот на Институтот за блискоисточна политика во Вашингтон. Меѓутоа, вели тој, тие активности се многу ограничени.

Дури и американскиот печат пишува дека американските тајни служби го ограничиле дејствувањето само на надгледување на испораката на оружје со цел, пред се’ ракети и експлозив, да не завршат во рацете на верските екстремисти. Оружјето инаку го финансираат Турција, Саудиска Арабија и Катар. „Западот ги поддржува умерените сили во Сирија. Катар, меѓутоа, ги поддржува фундаменталистичките групи“, укажува Шмит Енбом.

Американската влада сака на бунтовниците да им ги направи достапни сателитските слики за движењето на сириската војска. Исто така може да се замисли помош во развојот на разузнавачката служба. Засега не се знае дали е донесено и соодветно решение. Претседателот Барак Обама наредил ЦИА на бунтовниците им даде логистичка помош. Во меѓувреме, САД најавија понатамошна финансиска помош за бунтовниците: станува збор за 15 милиони долари за комуникација. „Финансиската помош од Америка не е за испорака на оружје, станува збор за пари наменети исклучиво за комуникациска и медицинска техника“, кажува Дејвид Полок.

Bashar Assad und einer seiner Generäle Manaf Tlas

Сирискиот претседател башар ал Асад и неговиот сега веќе одбегнат генерал Манаф Тлас

Француска помош при бегство

Меѓу европските земји, истакната улога во Сирија игра поранешната колонијална сила Франција. Во соработка со партнерите од Саудиска Арабија и од Турција, француските агенти им помагаат на преставниците на Асадовиот режим да ја напуштат земјата. Бегството на генерали, политичари и други луѓе од Асадовото непосредно опкружување, би требало морално да го поткопа режимот.

Манаф Тлас е еден од највисоките генерали во земјата, кој бил во можност да ја напушти Сирија со помош на Франција. Бегството на Асадовите соработници е важно поради вредните информации за политичката и за воената состојба на режимот. Западните тајни служби слично постапуваа во Либија. И за бегалците ова се исплатува: тие ја одбегнуваат можноста за одмазда од своите сонародници, можат да се надеваат дека на Запад ќе останат неказнети, и на крајот, тие се финансиски наградени, кажува Шмит Енбом: „За нивните разузнувачки информации им се ветуваат големи суми пари“.

Берлинската јавна тајна

Deutschland Kombo BND Gerhard Schindler löst Ernst Uhrlau ab Flash-Galerie

Новиот и стариот шеф на БНД, Герхард Шиндлер и Ернст Урлау

Дури и германските тајни служби биле активни во Сирија, кажува Шмит Енбом: „До крајот на 2011 година стариот претседател на разузнувачката служба -БНД , Ернст Урлау имал долгогодишни, многу добри односи со сириските тајни служби. Меѓутоа, со промената на претседателот на БНД, има и промени на паraдигмата. „Од тогаш наваму повеќе не се соработува со сириската тајна служба туку со Асадовите противници. Освен тоа, БНД сега го зазема истиот став како и западните партнери. „Новиот претседател на БНД Герхард Шиндлер е подготвен да ризикува, тој се обидува да ја врати довербата на западните партнери изгубена поради воздржаноста на Германија во Либија. Поради тоа БНД има разни активности против Сирија“, додава Шмит Енбом.

Сепак, не се знае што прави германскиот воен брод кој веќе со недели наназад кружи по источното Средоземје. Министерството за одбрана во Берлин ги отфрли шпекулациите на германските медиуми дека тоа е шпиунски брод.