1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Западот е задоволен и се надева на брза испорака на Караџиќ во Хаг

Апсењето на Радован Караџиќ според првичните реакции на највисоките европски претставници, НАТО и главниот обвинител на судот во Хаг, би можеле уште денес да предизвика пресврт во односите помеѓу ЕУ и Србија.

default

Радован Караџиќ

Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Хавиер Солана, изрази надеж дека апсењето на Радован Караџиќ ќе го одмрзне договорот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Србија. „ Мораме да сочекаме на изјавата на главниот обвинител на судот во Хаг, но јас се надевам дека неговата оценка ќе биде дека Србија сега целосно соработува“ изјави Солана.

„Сите се многу среќни. Мислам дека е многу важно што некој како Караџиќ ќе биде изнесен пред меѓународниот трибунал, тој ќе добие фер судење. Мислам дека српските власти ова го направија многу добро“ изјави Солана.

Од Хаг честитки до Србија

Главниот обвинител на судот во Хаг, Серж Брамерц, во првичната реакција им честиташе на српските власти, посебно на советот за национална безбедност, српскиот тим надлежен за апсење на бараните и канцеларијата на хашкото обвинителство, за реализирање на клучниот чекор во соработката со судот во Хаг.

Претседателот на ЕК, Жозе Мануел Барозо и еврокомесарот за проширување Оли Рен сметаат дека станува збор за кључен настан во напорите на Србија за што подлабоко вклучување во еврпоските интеграции, вклучувајќи и добивање на статус на кандидат за членство до крајот на годинава.

Задоволство и во Берлин

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека апсењето на Караџиќ е историска добра вест за целиот Балкан, во насока на правдата, мирот и помирувањето во регионот. Реагираше и министерот за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер:

„Мислам дека ова е клучен чекор во историјата на односите помеѓу Србија и ЕУ. Тоа според мене ја покажува решеноста на Борис Тадиќ и новата влада за стабилност во Србија. Апсењето исто така е респект за сите жртви на режимот на Слободан Милошевиќ.“

Европарламентарката Дорис Пак во изјава за Дојче Веле исто така ја поздрави веста: „Радосна сум што Караџиќ е уапсен и се надевам дека сега тој ќе биде испорачан во Хаг. Тоа можеше да се случи и многу порано доколку сите во Босна работеа подобро. Мислам дека и меѓународната заедница е делумно виновна што Караџиќ не беше бргу уапсен. Таму имавме наши војници и полицајци. Во секој случај тоа е успех за кој придонесоа српските власти. Верувам дека апсењето ќе придонесе за помирување“ смета Пак.

Бан Ки Мун: историски момент

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, изјави дека станува збор за историски момент за жртвите, кои тринаесет години чекаа Караџиќ да биде изнесе пред лицето на правдата.

Поранешниот американски амбасадор во ОН, Ричард Холбрук, кој беше активен во преговорите кои резултираа со Дејтонскиот мировен договоро во 1995 година, смета дека станува збор за историски успех за целиот регион „Кога ќе замине во Хаг тој повеќе нема да излезе на слобода. Друго прашање е каков ќе биде ефектот во регионот. Караџиќ е еден вид Робин Худ за Босанските срби. Дванаесет години тој одбегнуваше апсење. Неговото симнување од сцената мислам дека многу ќе помогне во креирањето стабилност. Ова е историски настан“

DW.COM