1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Западот го отфрли сирискиот референдум

Клинтон и Вестервеле го осудија референдумот во Сирија како „фарса“, а сирискиот претседател Башар ал-Асад најави дека ќе победи. Резултатите од гласањето се очекуваат денеска (27.02).

САД и нивните сојузници го отфрлија вчера одржаниот референдум за уставни промени во Сирија, како „фарса“ чија цел е да се оправда крвавата пресметка со опозицијата. Американската државна секретарка Хилари Клинтон гласањето го нарече „цинизам“ и ги повика Сиријците кои и натаму го поддржуваат Асад да му го свртат грбот.

Шефот на германската дипломатија, Гидо Вестервеле го опиша референдумот како „фарса и срамно гласање“. Опозицијата во земјата го бојкотираше гласањето, чии резултати ќе бидат познати денеска.

Сирискиот претседател Башар Ал Асад ги отфрли критиките од западните сојузници. По гласањето во објектот на државната телевизија, Асад оцени дека Сирија се наоѓа под медиумски напад.

„Тие се можеби посилни на небото, но ние сме посилни на земјата, а се обидуваме да победиме и тука и таму“, порача Асад.

Со новиот Устав кој беше ставен на гласање на референдумот, се дозволува формирање на политички партии во земјата, а шефот на државата се ограничува на два седумгодишни мандати. Промените нема да имаат ретроактивно важење, што значи дека Асад, чие семејство владее со земјата од 1970 година, би можел да остане на власт до 2028 година.

Автор: БГ/ап

Редактор: Ж. Ацеска