1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Западните сили се’ повеќе се инволвираат во Либија

Во либискиот град Мисрата, околу кој со недели се водат жестоки борби, убиени се двајца познати западни воени фото репортери. НАТО бара од либиските цивили да се држат понастрана од трупите на Гадафи.

На востаничките трупи им доаѓа помош од Западните сили

На востаничките трупи им доаѓа помош од Западните сили

Британскиот фотограф и режисер на документарни филмови, номиниран за Оскар, Тимоти Хетерингтон и американскиот фото репортер Крис Хондорс загинале при напад со ракета, соопшти списанието „Венити фер“, за кого тие работеле. 41-годишниот Тимоти Хетерингон последните десет години работеше како воен фото-репортер, во 2007 година беше добитник на Светската награда за фотографија за фотографија на американски војници во Авганистан. Неговата работа беше основа за документарниот филм „Рестрепо“, номиниран за овогодишната награда Оскар. Во Мисрата се ранети и уште двајца фото репортери.

Воениот фотограф Крис Хондорс

Воениот фотограф Крис Хондорс

НАТО во меѓувреме го повика цивилното население да се држи колку што е можно понастрана од трупите на либискиот диктатор Моамер ел Гадафи, за да отвори слободен пат за воздушни напади. Командантот на меѓународните трупи во Либија, генерал Чарлс Бушард, изјави дека се прават напори при акциите на бомбардерите на Алијансата да се избегне максимално опасноста по цивилите, но тоа не е можно целосно.

Интензивирани акции на НАТО

Првпат од почетокот на воениот конфликт во Либија, САД директно ќе ги поддржат борците на опозицијата. Како што соопшти американската министерка за надворешни работи, Хилари Клинтон, Вашингтон ќе им додели на востаниците медицинска помош, униформи, заштитна опрема, како и прехранбени производи во вредност од 25 милиони долари. Оваа иницијатива се случува во времето кога Франција и Италија вчера, откако претходно тоа го стори Велика Британија, два месеца по избувнувањето на судирите во Либија, објавија дека во главното упориште на либиските востаници Бенгази ќе испратат воени советници.

Автор: ЖА/ГЧ/дпа,афп,ап

Редактор: Горан Чутаноски