1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Западните амбасади во арапските земји под клуч

Неколку западни држави, меѓу нив и Германија, ги затворија своите амбасади во Јемен и во други арапски држави во текот на викендов. САД затворија 21 дипломатско претставништво.

Германија им се приклучи на САД, Франција и Велика Британија затворајќи ја својата амбасада во главниот град на Јемен, Санаа, два дена откако САД ја соопштија опасноста од терористички напади. Амбасадите ќе останат затворени и во текот на утрешниот ден (05.08.2013).

Британија ги повика своите граѓани да го напуштат Јемен, додека францускиот претседател Франсоа Оланд ги повика граѓаните да бидат внимателни.

Освен амбасадата во Јемен, САД затворија дипломатски претставништва и во Каиро, Кабул, Триполи, Алжир, Аман, Џибути, Дака, Картум, Кувајт сити, Манама, Мускат и Нуакчот. Се очекува дополнително да бидат затворени канцелариите и во саудиските градови Ријад, Џеда и Дахран, во ирачките градови Багдад и Ербил, како и во емиратите Абу Дабу и Дубаи.

Интерпол, во меѓувреме издаде глобално терористичко предупредување, упатувајќи на зголемена претпазливост по серијата бегства од затвори во Ирак, Либија и Пакистан. Од Интерпол соопштија дека „се сомневаат во вмешаност на Ал Каеда во неколку од бегствата на стотици терористи и криминалци од затворите“.

Вчера во Белата Куќа се одржа состанок на високо ниво, кој го предводеше советничката за национална безбедност на американскиот претседател, Сузан Рајс, на кој се расправало за терористичката закана.

Somalia Mogadischu Anschlag auf türkische Botschaft 27.07.2013

Турската амбасада во Могадишу по нападот исламски милитанти

Во петокот американската влада издаде предупредување во кое се потенцираше „континуираната опасност“ од Ал Каеда и од нејзините поддржувачи кои подготвуваат напади врз американски граѓани на Блискиот Исток, северна Африка и Арапскиот Полуостров.

„Актуелните информации велат дека Ал Каеда и нејзините организации планираат терористички напади во регионот и пошироко, и нивните напори се тие напади да ги организираат до крајот на август“.

Првиот човек на американскиот генералштаб, генералот Мартин Демпси, изјави дека заканата откриена од разнузнувачките служби е „поконкретна“ од претходните, а целта е „да се нападнат западните, а не само американските интереси“.

Ова е прво предупредување од овој вид издадено од Стејт депарментот, по сличното објавено на десетата годишнина од нападите од 11 септември 2001 година.