1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Западниот Балкан е во втор план за Литванија

Литванија деновиве го презеде 6-месечното претседавање со ЕУ. Основен приоритет е зголемување на стопанскиот раст и надминување на економската криза. Западниот Балкан и проширувањето не се високо на агендата

Литванија, како и нејзините претходници во изминатите две години, во фокусот на својата политика ќе ги стави економските политики. Зајакнување на економската и монетарната унија, координација на економските и буџетските политики, функционална банкарска унија...

„Враќањето на довербата во ЕУ е првиот чекор кон подобрување на општата состојба на европската економија. За да ја вратиме довербата на граѓаните мора да работиме на одржлив стопански развој, кој единствено може да ја намали високата невработеност“, изјави литванската претседателка Далија Грибаускаите (на фотографијата горе), при претставувањето на приоритетите на нејзината земја. Таа ја спомена и политиката на отворени врати.

„Иако сме окупирани со економските предизвици, не смееме да заборавиме што претставува ЕУ, а тоа е Унија заснована на вредности. Наша обврска е да им покажеме на граѓаните дека ЕУ може да расте и дека останува отворена и за другите во годините кои доаѓаат“, рече Грибаускаите.

Состојбата во Македонија не е добра

Иако порачаа дека се пријатели на проширувањето, кое според нив, носи „свежа крв“ во семејството на европските земји, Литванците засега не претставија конкретни проекти во поглед на можниот напредок на земјите од Западниот Балкан во нивниот мандат. Покрај отворените прашања, кои како што велат, се уште постојат со Србија, Литванците порачуваат дека ќе се водат според објективни критериуми.

„За жал изгледа дека е многу тешко да се постигне напредок во Македонија каде состојбата не е добра. И Албанија има внатрешни проблеми и го загуби почетниот елан на патот кон ЕУ. Ќе видиме што може да се стори и со БиХ“, објаснува литванскиот амбасадор во ЕУ, Раимундас Кароблис.

Од друга страна, Литванија повторува дека за време на своето претседавање ќе инсистира на посилна интеграција со ЕУ на нејзините источни партнери. По тој повод во ноември ќе се организира и посебен самит во Виљнус како чекор кон постигнување политичка асоцијација и економска интеграција на ЕУ и некогашните советски републики.