1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Западен Балкан уште „врие“

Тужби пред Меѓународниот суд на правдата, безнадежни гранични конфликти и прашања за суверенитетот. Сите земји од Западен Балкан сакаат во ЕУ, но политичките и правните спорови ја загрозуваат заедничката цел.

default

Западен Балкан не ги научи лекциите

15 години по последната балканска војна, луѓето во државите од поранешната југословенска федерација сакаат мир, политичка стабилност и економска благосостојба:

„Да почнеме да работиме и да живееме за себе, а не само да гледаме колку добро живеат другите Европејци. Сакаме конечно да започнеме, и самите добро да живееме“, вели еден возач на такси.

Многумина размислуваат слично како овој таксист во Сараево и немаат позитивно мислење за нивните влади кои не успеваат да се справат со крвавото наследство од минатото, критикува босанскиот политиколог, Владо Арзиновиќ:

„ Денес ја имаме истата политика, само со други личности. Имаме иста конфликтна динамика како пред 15 години и пред се’ изобилство од истото колебливо однесување на меѓународната заедница кон нашите проблеми. Западниот Балкан остана опасно место и денес никој повеќе не може да го превиди бурето барут и експлозиите кои би можеле да произлезат од тоа“.

Меѓусебни тужби, безнадежни гранични конфликти...

Денес независните држави кои произлегоа од поранешна Југославија се затрупуваат со тужби пред Меѓународниот суд на правдата и се заплеткуваат во безнадежни гранични конфликти и прашања на суверенитетот. Притоа сите, без исклучок, сакаат во Европската унија. Малите политички војни и правните финеси претставуваат закана за заедничката цел. Последиците од војната и натаму се чувствуваат, бидејќи национализмот, недовербата и стравот од обостраните барања за репарации претставуваат пречки за помирувањето.

Србија беше последна која поднесе контратужба за геноцид против Хрватска пред Меѓународниот суд на правдата:

„ Тоа е навистина најголем судски процес во историјата. Никогаш досега се нема случено вакво нешто. Србија е лидер во регионот. Ниту еден проблем не може да се реши без Србија. Вниманието на светската јавност е многу големо“, најави српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ. Притоа Србија е притисната до ѕид. Контратужбата е само заради тоа, да се принуди Хрватска да се откаже од сопствената тужба и барањата за воени репарации.

Неопходен е вистински процес на помирување

Националната политика во стилот: подобро да се нападне отколку да се попушти, го попречува многу задоцнетото приближување на некогашните завојувани страни. Наместо тоа, мора конечно да биде осмислен вистински процес на помирување, а не секогаш вината да му се префрла на другиот, апелира австрискиот дипломат и експерт за Балканот, Ерхард Бусек, кој смета дека ЕУ може да изврши одлучувачко влијание за да се постигне тоа:

26.11.2004 Journal Interview Erhard Busek

Ерхард Бусек-потребно е вистинско помирување

„ Тука мора јасно да се каже дека ако не спроведете определени работи, тогаш немате шанса за брзо пристапување кон ЕУ и оваа лекција мора јасно и едноставно да се научи“.

Економскиот напредок и доброседските односи не се попречени само од тужбите пред Меѓународниот суд на правдата. Србија и натаму се спротиставува да ја прифати независноста на поранешната покраина Косово. Спорот околу признавањето на поранешната јужна српска провинција ги оптоварува односите на Белград со Црна Гора, а и Македонија не сака да се подреди на самопрогласената надмоќ на Србија. И конечно, еден пограничен спор меѓу Словенија и Хрватска стар 20 години и натаму не е решен и ја попречува интеграцијата на Хрватска во ЕУ. За српскиот претседател Борис Тадиќ има само еден рецепт против тврдоглавата конфронтација: проширување на хоризонтите.

„ Една генерација која израснала живеејќи во изолација и само во Србија , без шанса да види како се живее во Европа, немаше ни суштински мотив да направи нешто поинаку од досега. Реформите понекогаш се болни, но само тие водат кон подобар живот за сите генерации, и за оние кои допрва доаѓаат."

Ерхард Бусек, поренешен координатор на Пактот за стабилност на ЈИЕ, се надева дека оваа нова генерација ќе им стави крај на конфликтите од минатото:

„ Не денеска , не утре, но тоа тука е решавачки неопходно“.

Автор: Андреас Мејер Фајст/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска