1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Западен Балкан со забавено темпо кон ЕУ

Претседателот на Словенија Данило Турк оцени дека процесот на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан не оди според посакуваната брзина. Тој ги советува земјите кандидати сериозно да ги сфатат препораките на ЕК.

default

Претседателот на Словенија Данило Турк

Европската унија и нејзините органи вклучени во процесот на проширување имаат право конкретно да ги разгледуваат и да помагаат во решавањето на нерешените билатерални прашања меѓу земјите членки и земјите кандидати, смета претседателот на Словенија Данило Турк. Ова според него многу повеќе се однесува на нерешените прашања на Словенија со Хрватска, отколку на спорот за името на Република Македонија.

„ЕУ нема дадено предлози, тоа е спор кој се води под закрила на Генералниот секретар на ОН и неговиот специјален пратеник Метју Нимиц. Сите ги почитуваат овие напори кои би требало да донесат плодови. Ако Нимиц и Европската унија сметаат дека е потребна некаква соработка и некаков поактивен пристап на ЕУ, тоа се разбира ќе треба да биде поддржано. Но во овој момент единствениот пат до напредок е посредништвото на г-дин Нимиц и ОН.“

Предлозите на ЕК треба да бидат сериозно сфатени

Сепак, претседателот на Словенија Данило Турк ги предупредува земјите кандидати: „Тука би ги предупредил сите земји кандидати, да ги земат сериозно предлозите кои ги дава Европската комисија. Не е добро тие предлози да се одбиваат. Тоа не е посредништво во класична смисла на зборот туку грижа за помош. Не е добро да се одбијат предлозите и понудената помош од Европската комисија.“

EU Flagge im Wind

Словенија, која е членка на ЕУ не го одби предлогот на Комисијата за надминување на спорот со Хрватска, за разлика од Хрватска. Тој притоа вели дека не станува збор за конфликт меѓу Словенија и Хрватска, туку за постепено исполување од страна на Хрватска на условите за влегување во Европската унија.

„Во тие критериуми се подразбираат и напорите за добрососедски односи. Хрватска тука треба да направи повеќе од она што го има направено досега. Во овој процес би било корисно рационалните елементи да бидат посилни и се надевам дека во наредните месеци ќе постигнеме напредок.“

Визната либерализација е приоритет за 2009 година

Претседателот на Словенија, уште еднаш потврди дека земјите кандидати треба да се оценува поединечно во однос на степенот на исполнување на критериумите за членство во ЕУ, за што постои согласност и кај нив, бидејќи секоја од балканските држави е во различна положба. Претседателот Турк иако мисли дека процесот на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан не е претерано забавен, сепак признава: „Мислам дека процесот на проширувањето не е доволно брз, се размислува многу за темпото и динамиката на овај процес, тоа претставува проблем и треба отворено да се признае.“

За либерализацијата на визниот режим, според него е апсолутниот приоритет на ЕУ за 2009 година. „Сакам уште еднаш да нагласам дека визната либерализација е конкретен чекор, кој треба да се гледа во контекстот на проширувањето на ЕУ кон Балканот. Затоа предлагам да се започне со ова, па потоа да се видат чекорите кои ќе ги направи секоја држава посебно,“ заклучува претседателот на Словенија Данило Турк.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска