1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Заострени фронтови во Тајланд

Уличните борби во Бангкок имаат релативно намален интензитет, но смирување на затегнатоста не е на повидок. Тајландската влада им постави ултиматум на демонстрантите - таа бара прекин на немирите до денеска на полноќ.

default

Истрели и експлозии и денеска се слушаат во Бангкок. Тајландската влада претходно ја одби понудата за преговори од „црвените кошули“. Лидерите на протестното движење и` понудија на владата преговори со посредништво на ОН, меѓутоа ги условија со многу барања. Меѓу другото, тие бараа од тајландскиот премиер да нареди примирје и повлекување на воените сили. Владин портпарол истакна дека армијата нема да се повлече и дека таа не го насочува оружјето кон граѓаните, туку кон „терористите“ и т.н. „црвени кошули“.

No Flash Thailand Unruhen in Bangkok

Со оглед на намалувањето на насилствата, властите во меѓувреме ги замрзнаа плановите за воведување полициски час во делот од центарот на Бангкок, кој е под опсада на демонстрантите. Засега ситуацијата е под контрола, истакна висок претставник на армијата, додавајќи дека полицискиот час ќе им го отежни животот на оние граѓани, кои не учествуваат во протестите.

Во уличните борби меѓу демонстрантите и владините сили од минатиот четврток досега загинаа 36 лица, а повеќе од триста се повредени. Денеска на раните им подлегна и познатиот генерал Катија Савасдипол, кој во четвртокот премина на страната на демонстрантите и беше застрелан во главата за време на протестите.

Кралот да се вклучи во решавање на ситуацијата?

Thailand König Bhumibol Adulyadej QUER

Кралот Бумибол

Освен од ОН, противниците на владата побараа и од тајландскиот крал Бумибол да се вклучи во решавањето на ситуацијата. Неговиот заповеднички збор е „единствената надеж“ за мирно решение на конфликтот, истакна еден од лидерите на „црвените кошули“. Иако кралот на Тајланд нема политичка улога, тој важи за врховен владетел на земјата. Меѓутоа, кралот Бумибол има 82 години и од минатиот септември е тешко болен и засега не се вклучил директно во политичкиот конфликт во Тајланд.

Инаку, повод за немирите во Бангкок е симнувањето од

Thailand Premierminister Abhisit Vejjajiva

Премиерот Абхизит Веџаџива

власт на поранешниот премиер Таксин Шинаватра, кој во 2006 година беше симнат со воен пуч. Милијардерот, кој сега живее во егзил, беше и се` уште е особено омилен кај обичното население во Тајланд. На изборите во 2007 година победија неговите следбеници, меѓутоа нивната влада никогаш не профункционира поради сомнителна пресуда на судот и промислен маневар во парламентот. Тогаш на власт дојде Абхисит Веџаџива, кој важи за претставник на тајландската елита. Актуелните конфронтации почнаа на почетокот на март, кога десетици илјади селани дојдоа на протести во главниот град, барајќи оставка на владата.

Автор: Михаел Велинг/ ТТ/ ГЧ/ дпа/ афп/ ртре

Редактор: Александра Трајковска