1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Заострени односите власт - опозиција на македонската политичка сцена

Владеачката коалиција не ги прифаќа чекорите на опозицијата - ниту понудата на лидерот на СДСМ Радмила Шеќеринска ни бојкотот на ДУИ и ПДП. Премиерот Никола Груевски не ги затвара шансите за дијалог, но не под удлови што ги диктира опозцијата.

Груевски не ги затвара шансите за дијалог но не под услови на опозицијата

Груевски не ги затвара шансите за дијалог но не под услови на опозицијата

На македонската политичка арена се заострени однoсите власт - опозиција, со прекинот на нивниот дијалог. Но на сцена е се пожесток албанско-албански судир кој ги поминува партиските рамки на ДПА и опозиционата ДУИ.

Во синоќешното телевизиско интервју лидерот на интегративците ги повтори обвинувањата објавени во весникот Дневник. Според Ахмети, Георгиевски, Џафери и загинатиот српски премиер Џинџич договориле наводно поделба на Македонија. Следуваат најави за тужби од Џафери кон Ахмети за клевета а заменикот претседател на владеачката ДПА –Мендух Тачи кажа: „Тоа покажува каков морал има господинот Ахмети. Поделбата на Македонија е венсена во 5-те први комуникеа на ОНА, на која командант беше господинот Ахмети.“ Мендух Тачи го обвини Ахмети дека со неговата војна во 2001 година но и со актуелниот бојкот и политичката криза во Македонија и штети на евентуалната независност на Косово.

Паралелно со овој остар албанско-албански конфликт во Македонија, прекинати се и сите контакти власт - опозиција. Лидерот на СДСМ –Радмила Шекеринска вчера разговараше со американската амбасадорка во Скопје Џилијан Миловановиќ, од каде според извори во СДСМ добила поддршка за едно од четирите официјализирани барања да се смени составот на меѓуетничкиот комитет, што решава за примена на Бадентеровото-двојното мнозинство при гласањето на т.н етнички закони, и што би бил позитивен сигнал за ДУИ.

Не може да се води дијалог по сопствена мерка со ултиматуми реагираа одвоено владеачкиот тандем ВМРО ДПМНЕ и ДПА. Премиерот Груевски ја одби понудата на македонската опозиција.„Подготвени сме да разговараме за секоја тема, меѓутоа не сме подготвени секогаш да спроведуваме туѓи програми“-рече премиерот Груевски.

Челникот на парламентарната опозиција Радмила Шеќеринска реагираше: „Премиерот Груевски, ВМРО ДПМНЕ а согласно оваа изјава и ДПА стануваат директно одговорни за непостоењето на политички дијалог во Македонија и директно одговорни за сите последици кои што од тоа ќе произлезат. Ни велат веќе 15 години дека без реален консензус меѓу главните политички партии без разлика дали се на власт или во опозиција оваа држава не може да оди напред.“

СДСМ би гласал за новиот деловник ако тој се применува од 2008 година, ни тоа не е уважено. Напротив, спикерот Георгиевски за денска ја отвори дебатата за новиот парламентарен деловник. Во собранието ги нема 16-те пратеници од ДУИ и ПДП како прв потег за примена на бојкотот. „Коалицијата ПДП и ДУИ пратениците да бидат овде во Собранието на Република Македонија да се борат со своите аргументи “-порача пратеникот - координаторот на групата на ВМРО ДПМНЕ, Силвана Бонева.

Прекинот на контакти власт - опозиција ја доведува во прашање и втората фаза од децентрализацијата. Министерот за локална самоуправа Коњановски денеска со писмо призна дека има прекин на контактите со градоначалниците од ДУИ. Тој го повика ЗЕЛС да организира дебата за втората фаза од фискалната децентрализација. Од друга страна 16 градоначалници на опозиционата ДУИ тврдат дека владата на Груевски свесно ги игнорира нивните локални проекти.