1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Заниер со осуда за инцидентите во Македонија

Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер кој престојува во посета на Македонија во интервју за МИА истакна дека многу важно е брзото разрешување на последните инциденти во земјата.

default

Сериозните инциденти од последните денови можат да ги потиснат напорите за промовирање на меѓуетничкиот соживот во Македонија, оценува генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, во интервју за новинската агенција МИА.

„Ги осудувам овие насилни инциденти и ја поздравувам брзата акција на властите за смирување на ситуацијата и изнесување на виновниците пред лицето на правдата“, вели Заниер, кој денеска и утре престојува во посета на Република Македонија.

„Потребна е детална транспарентна истрага“

Lamberto Zannier Pressekonferenz

Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер

„ Брзото разрешување на ваквите инциденти е многу важно, бидејќи перцепцијата често може да стане важна како и фактите. Ако го земеме примерот со неодамнешното убиство во Гостивар, можеби тоа не е базирано на етничката припадност, но ако луѓето не веруваат во ова објаснување, тоа може да влијае на меѓуетничките односи. Затоа е многу важно да се спроведе транспарентна, независна и детална истрага. Ова е исто така пример дека малцинствата треба да бидат дел од полициските служби и судството. Само тогаш, структурите кои го спроведуваат законот ќе добијат доверба и легитимитет во едно разнолико општество“, вели Заниер.

Важноста на интегрираното образование

Една од сугестиите на ОБСЕ за меѓуетнички соживот, посочува, е интегрираното образование.

„Намалувањето на поделбите во образовниот систем веќе долго време е приоритет на ОБСЕ и овие напори продолжуваат. Високиот комесар за национални малцинства е чест посетител на Скопје и работи заедно со македонската влада и мисијата на ОБСЕ во Скопје на имплементирање на веќе усвоената Стратегија во пракса. Силно ја поддржувам оваа стратегија како основна алатка за промоција на ефективна и долгорочна интеграција на заедниците“, истакнува Заниер.

Според него последните меѓуетнички инциденти покажуваат дека е потребен поголем напредок во некои области во Македонија. Заниер истакна дека е охрабрен од одговорот на властите, но исто така е уверен дека поддршката која ја дава меѓународната заедница останува потребна и мошне важна.

Автор:БГ/СН/миа

Редактор: Ж. Ацеска