1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Замоци полни со прав

Скапоцените предмети во замоците во Баварија собираат прав. За да се исчисти, не се користат крпи, туку посебна техника.

Непроценливи уметнички дела, прелиени со чисто злато. И, тие собираат прав, а се многу чувствителни. Едноставно бришење? Тоа не може да се прави, зашто може да се оштетат вредни предмети. Тука се неопходни специјалисти.

Еднаш годишно специјалната единица за чистење професионално ја отстранува прашината. Реставратори, кои работат по налог на баварската служба за управување со замоци, се „вооружени“ со заштитна облека и специјални апарати.

Се работи со меки четки и специјални правосмукалки. Така прашината може да се отстрани речиси без трага. На специјалистите им се потребни часови за да ја исчистат само раскошната санка на кралот Лудвиг Втори во замокот Нимфенбург во Минхен.

Хајнрих Пининг, реководител на одделот за реставрација на предмети од дрво. објаснува:

„Ако прашината се брише со крпа, тогаш би се изгребала површината со малите камчиња кои се наоѓаат во прашината. Тоа потоа изгледа како кога лизгач ќе мине по замрзната површина.“

Секоја прашина не е иста. Секоја просторија има свој профил, зависно од положбата и материјалот врз којшто се гази. Ако се знае изворот на прашината, тогаш таа може да се спречи, со тоа што, на пример, би се заменил чакалот на пристапните патеки до замокот. Прашината може да биде со остри агли или да ја напаѓа површината.

„Овде имаме различни влакна околу кои се собира ситна прашина и други честички. Ваквиот вид прашина се собира на површината и останува таму залепена“, објаснува Пининг, покажувајќи на примерокот прашина кој го гледа под микроскоп.

Најголемиот извор на прашина се посетителите. Управата со замоците во Баварија има развиено професионална програма за спречување прашина. Таа тестира различни простирки, на кои посетителите оставаат многу прашина уште пред да влезат во замокот.

„Се бараат начини како посетителите да внесуваат што е можно помалку прашина, на пример преку посебни зони на движење во замокот или поинаква вентилација, се‘ со цел да се собира што помалку прашина“, вели Пининг.

Помалку прашина значи помалку отстранување на прашината, а со тоа се штедат многу пари. Баварската управа со замоци годишно мора да се грижи за чистење на повеќе од 40 тврдини и замоци, за се‘ да зрачи во сиот свој раскош.