1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Замира ли јавната дебата на интернет во Македонија?

Предлог-законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда го криши македонскиот устав. Одговорноста за јавно напишаниот збор ќе падне на авторот, но и на интернет провајдерот.

default

Усвојувањето на Предлог-законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, кој се однесува на комуникацијата преку интернет, негативно ќе влијае по слободата на говор, реагираат невладините организации и интернет заедницата. Предлог законот содржи спорни делови кои ќе ги затворат можностите за јавна дебата преку сајтови регистрирани во Македонија, алармираат неколку граѓански организации. Тие истакнуваат дека Законот во таква форма поттикнува цензура и со тоа го крши Членот 16 од Уставот на Република Македонија. Според нив особено е спорен членот 11 кој предвидува дека провајдерот на интернет услуги, заедно со авторот, е одговорен за надоместување на штетата која произлегува од овозможување на пристап до навредливи или клеветнички информации. 

„Загрижувачки е што со овие законски измени директно е опфатен и интернетот, како последна јавна сфера која не е под целосна контрола на политичките партии или поврзаните бизнис-интереси. Драконските парични казни најавени со предлог законите ќе послужат како средство за заплашување. Поради тоа интернет провајдерите и е-издавачите ќе се натераат да воведат цензура со оневозможување коментари, блогови или форуми, за да го намалат ризикот по автоматизам да бидат вмешани во судски спорови за изјави врз кои немаат ефективна уредувачка контрола“, вели Филип Стојановски од фондацијата Метаморфозис.

Закон насочен кон медиумите

.

Најчесто ставовите се изразуваат на социјалните мрежи

Роберто Беличанец од Центарот за развој на медиуми се согласува дека законот ќе ја наруши слободата на говор бидејќи содржи цензорски елементи и голем потенцијал за самоцензура.

„Како прво, Законот ги издвојува медиумите од другите субјекти во општеството како специјална категорија дури и таму каде што за тоа нема никаква потреба. Тоа јасно кажува дека е насочен кон медиумите примарно - што е проблем затоа што слободата на изразување е општа категорија. Второ, на ваков начин се признава дека клеветењето може да се прави на организаиран начин што значи дека и другите правни лица треба да се изедначат со медиумите - партиите и компаниите и заедничката одговорност да важи и за нив. Најбитниот дел е одредбата во која се листаат надоместоците за штета, каде се гледа дека не е битно кој е тужен од тријадата новинар, уредник, медиум - сите плаќаат“, вели Беличанец.

Групата која го изготвуваше Предлог-законот беше предводена од академик Владо Камбовски. Во неа учествуваа претставници од Здружението на новинари на Македонија, судии, јавни обвинители и претставници од Министерството за правда. За реакциите на граѓанскиот сектор одговор побаравме од министерството. Од таму кратко ни соопштија дека текстот веројатно ќе биде изменет преку поднесени амандмани. Останува да се почека исходот од собраниската процедура, велат од министерството. 

Учество на јавноста во носење на законите

Symbolbild Hacker Computer Tastatur Hand Hände

Казна, освен авторот на напишаната објава, може да добие и интернет провајдерот

Роберто Беличанец предупредува дека верзијата која е влезена во собраниска процедура не е доработена: Приказната дека законот ќе се испегла со амандмани е приказна за мали деца. Кога имате закон од 26 члена, а во 20 треба да интервенирате амандмански, подобрто е да му го вратите на предлагачот на доработка. Значи, најдобриот пат до сега беше собранието после првото читање да го врати во Министерството за правда и министерството да отвори широка партиципативна дебата. За жал тоа не се случи, наместо тоа второто читање следеше експресно“.

Стојановски додава дека во постапката за изготвување на законите треба да бидат вклучени и засегнатите страни: „Невладините организации кои заеднички настапуваат како ад-хок коалиција „Фронт за слобода на изразување“, бараат властите да овозможат инклузивно учество на граѓаните и граѓанскиот сектор во носењето на законите кои моментално се носат со ултра брза постапка. Се носат врз основа на нацрти кои содржат многу недоречености, но и одредби кои може да доведат до воведување цензура или други злоупотреби, како малициозни тужби со кои може финансиски и на други начини да се наштети дури и на оние лица за кои ќе се утврди дека не биле виновни за навреда и клевета“.

Најголемата опозициска партија СДСМ во меѓувреме соопшти дека ја поддржува декриминализацијата на клеветата и навредата, но и дека поднеле амандмани кои се однесуваат на спорните делови од законот. Невладините организации најавија дека доколку не бидат прифатени нивните забелешки ќе ги искористат сите правни средства за да се спречи донесувањето на законот.