1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Замина пеачот со ангелски глас

Во тешка сообраќајна несреќа денеска во Хрватска загина најпопуларниот македонски пеач Тоше Проески. Се уште се истражуваат причините за несреќата.

default

Тоше Проески

Младиот пеач, Тоше Проески бил на пат кон Загреб. Во студиото на познатиот хрватски продуцент Никша Братош требало да сними англиска верзија на еден од своите хитови. Но, не стигна до таму.

“Во 6 часот и 25 минути дошло до тешка сообраќајна несреќа на автопатот во близина на местото Запоље кај Нова Градишка, на 170 километри од Загреб”, соопшти истражниот судија Стјепан Фрањиќ. Според досегашниот тек на истрагата, џипот од марката Туарег со кој управувал 32 годишниот Ѓорѓе Ѓорѓевски не ја задржал пропишаната оддалеченост зад камионот во чија приколка потоа се удрил.

“Се работи за тешко товарно возило со приколка со италијански таблички со кој управувал С.К. од Белград. При тоа возачот на патничкото возило со предниот десен дел удрил во левиот дел на приколката. На место на несреќата смртно настрадал македонскиот државјанин, Т.П. роден на 25 јануари 81 година, објави Фрањиќ.

Како дошло до несреќата?

Портпаролката на бродско посавската управа Ката Нујиќ изјави:

"Најверојатно причините на несреќата се сплет на околности, како што се брзо возење, замор и момент на невнимание".

Неофицијално се дознава дека утринава на тоа место имало магла, а очевидци од местото на несреќата тврдат дека воздушните перничиња во автомобилот не се активирале. Во несреќата потешко е повреден возачот Ѓоргевски, а полесно менаџерката на Тоше, Љиљана Петровиќ. И двајцата се вон животна опасност. Истрагата за несреќата продолжува.

Смртта на Тоше е меѓу ударните вести во Хрватска

Сликата на уништениот џип во кој загина Тоше е на ударните вести на хрватските телевизии и интернет страници. На интернет, постојано се множат пораките од неговите обожаватели за како што велат “пеачот со ангелски глас”. Беше омилен меѓу колегите и обожуван од илјадници луѓе, Тоше Проески беше и ќе остане еден од најсветлите моменти на поп музиката на овие простори, запиша денеска еден хрватски музички критичар.