1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Замина менаџерот на „Џенерал моторс“

Нема крај на потресите во автомобилскиот гигант „Џенерал моторс“. Синоќа (01.12.09) беше сменет извршниот директор Фриц Хендерсон, кој пред само 8 месеци застана на чело на компанијата за да ја врати на старите патеки.

default

По само 8 месеци на чело на „ЏМ“ ќе мора да бара нова работа - Фриц Хендерсон

Главниот извршен директор на американскиот автомобилски гигант „Џенерал моторс“, Фриц Хендерсон неочекувано замина од функцијата. Се‘ уште не е јасно дали бордот на директори на „ЏМ“ му врачил отказ на менаџерот, или тој самиот си заминал по само 8 месеци на функцијата.

„Бордот на директори на ’Џенерал моторс’ ја прифати оставката на Фриц Хендерсон“, соопшти претседателот на компанијата Ед Витакер, кој во наредниот период ќе ја извршува и менаџерската функција, додека не се најде замена за Хендерсон.

Хендерсон беше избран за главен извршен директор на „Џенерал моторс“ кон крајот на март оваа година, кога компанијата беше доведена до банкрот и беше спасена со голема финансиска помош од американската администрација, која притоа, го принуди дотогашниот прв човек на овој некогашен автогигант, Рик Вагонер, да поднесе оставка. По обелоденувањето на оставката на Хендерсон, Белата куќа соопшти дека нема никаква врска со одлуката за неговото заминување.

Хендерсон бил во постојан судир со бордот

Edward Whitacre / GM / General Motors

Презема се‘ во свои раце- Ед Витакер

Засега само се шпекулира околу причините за заминувањето на Хендерсон. Аналитичарите велат дека уште од почетокот на неговиот мандат на функцијата, Хендерсон имал големи несогласувања со бордот на компанијата. Неговиот кус мандат беше одбележан со неуспешните продажби на неколку брендови кои се дел од „ЏМ“. Најпрво, во септември годинава не успеа да го продаде „Сатурн“ на компанијата „Пенски“. Потоа, минатиот месец, бордот се предомисли и одлучи да не го продава „Опел“ на канадско-австриска корпорација. Последниот неуспех беше откажувањето на продажбата на брендот „Сааб“ на една шведска фирма.

„Иако компанијата покажа резултати, сите се согласивме дека ни‘ се потребни промени за да тргнеме напред. Јас ја презедов улогата на претседател и менаџер на компанијата“, соопшти Витакер на прес-конференција.

Минатата недела „ЏМ“ соопшти дека претрпел загуби од 1,15 милијарди евра од јули годинава, а продажбата на возила во ноември годинава, споредено со минатата, падна за 2,2 проценти. Новиот привремен шеф Витакер, стана познат како извршен директор на телекомуникацискиот гигант „Еј-Ти-Енд-Ти“. Се очекува наскоро тој лично да именува замена за Хендерсон.

Автор: БГ/ЖА/афп/ројтерс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска