1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Замина и последниот од браќата Кенеди

Сенаторот Едвард Кенеди беше еден од највлијателните американски политичари во последните 50 години. Со неговата смрт, од политичката сцена заминува и последниот од тројцата славни браќа.

default

Едвард Кенеди

Сенаторот Едвард Кенеди беше крупна фигура, како во политички, така и во физички смисол. Оној кој имал можност да го види како го придвижува големото тело кон говорничкиот пулт во американскиот Сенат, секако почувствувал колкава волја имаше овој политичар. Тој, во секој случај, ја поседуваше и елоквентноста и харизмата на семејството Кенеди. Двајцата негови браќа, Џон и Роберт, трагично го завршија животот. Првиот, Џон, беше убиен како претседател на САД во Далас, во 1963 година, а вториот, Роберт, ја доживеа истата судбина пет години подоцна, во Лос Анѓелес. За разлика од нив, крајот на животот на Едвард можеше да се предвиди, бидејќи од пред една година лекарите пронајдоа тумор во неговата глава. Болеста го ослабна толку брзо, што неодамна не можеше лично да присуствува на доделувањето на највисокото американско признание, Медалот на слободата.

Flash-Galerie Edward Kennedy

Тројцата браќа: Џон, Роберт и Едвард

Во таа пригода, неговиот сопартиец и актуелен претседател на САД, Барак Обама му ги упати следните зборови: „Речиси половина век животот на сенаторот Едвард Кенеди влијае врз животот на сите нас!“

Сенатор - 47 години

Едвард Кенеди беше без прекин член на Сенатот од 1962 година до денес. Тој се профилираше како експерт за социјални и здравствени прашања, но знаеше да се произнесе и по чувствителни надворешно-политички и одбранбени прашања. Во секој случај, постојано се залагаше за мир и слобода. Зад кулисите изврши значително влијание врз напредокот на мировните преговори за Северна Ирска, бидејќи неговото семејство има ирски корени. Едвард Кенеди се противеше на Виетнамската, но и на Ирачка војна.

Obama Geburtstagsständchen für Edward M. Kennedy

Претседателот Обама му пее „среќен роденден“ на Едвард Кенеди

Тој беше и еден од најсериозните критичари на владата на Џорџ Буш: „Владата ги навреди нашите долгогодишни сојузници. Наместо да ја направи Америка посигурна, таа ја направи уште помалку безбедна“, критикуваше Едвард Кенеди.

Поборник за слобода и рамноправност

На внатрешно-политички план, Едвард Кенеди се залагаше за воведување здравствено осигурување за секој Американец, но исто така беше и горлив поборник за рамноправност на црнците во американското општество. Оттаму, логична беше и неговата голема поддршка за првиот американски претседател со темна боја на кожата, Барак Обама. Тој дури неодамна го означи харизматичниот Обама како легитимен наследник на неговиот убиен брат, поранешниот претседател на САД, Џон Ф. Кенеди.

Автор: Даниел Шешкевиц / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска