1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Заложничка драма во Беслан

Продолжува заложничката драма во училиштето во градот Беслан во Руската република Северна Осетија. Чеченските екстремисти, кои во заложништво според различни информации држат од 250 до 400 деца и родители, ослободиле 15 деца. Под закана дека ќе го кренат училиштето во воздух , од час на час тие ги менуваат своите барања.

Руски специјалци во околината на училишната зграда во Беслан

Руски специјалци во околината на училишната зграда во Беслан

Повлекување на федералните сили од Чеченија е последното барање на екстремистите кои вооружени до заби со експлозивни појаси се наоѓаат во училишната зграда во Беслан. Специјалните полициски сили се распоредени околу зградата но не превземаат акција заради заканите од екстремистите дека ќе ја дигнат зградата во воздух. Тие според информациите се заканиле дека ќе убијат 50 деца за секој убиен екстремист од страна на специјалните сили

Преставниците на властите соопштија дека во престрелките загинале најмалку три лица, а девет биле ранети.

Чеченските екстремисти кои меѓу другото бараат и ослободување на 27 лица одговорни за Јунските напади во Ингушија при кој загинаа 80 лица, се подготвени да разговараат единствено со претседателот на републиката Александар Џасохов и претседателот на Ингушија Мурат Зјазиков.

Во меѓувреме, околу 50 деца кои утрово за време на нападот користејќи ја гужвата успеале да побегнат, им помагаат на родителите и службите во составување на списокот со заложниците.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Иванов кој соопшти дека во Беслан е испратен авион со мобилна болница најостро го осуди овој настан.

“ Нам во суштина ни е објавена војна, војна во друга форма во која непријателот е невидлив и нема линија на фронтот, но како што гледате заканата е реалност. Со неа не е конфронтирана само Русија, не се случајни вчерашните терористички напади во Москва и Израел. Светот е непосредно конфронтиран со таа закана, која мора да ја сузбиеме, ние тоа ќе го направиме со сите средства што ни се на располагање, вклучувајќи ги и политичките“ рече Иванов

Заложничката драма се случува само ден по самоубиствениот бомбашки напад во Москва во кој загинаа 10 а 51 лице беа повредени. Експлозијата се случи пред метро станицата Ришскаја во центарот на Москва

"Имаше многу силна експлозија. Стоевме во близина кога шрапнели пролетаа покрај нас. Потоа паднав од силината на експлозијата и загубив свест“ раскажува еден од минувачите

Градоначалникот на Москва Јури Лушков кој веднаш се упати на место на несреќата изјави:

"Тоа беше жена, атентатор самоубиец опремена со многу експлозив. Проценуваме дека носела дури еден килограм експлозив кој бил наполнет со метални делови , овде некој очигледно сакал да причини што е можно поголема штета“

Одговорноста за овој напад ја превзеде организацијата Исламбули бригади која стои и зад уривањето на двата руски патнички авиона во минатата недела во кои загинаа 89 лица.