1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Законско ли е обрежувањето во Германија?

Покраинскиот суд во Келн неделава донесе одлука дека верското обрежување е казниво со закон и се предизвика вознемиреност кај муслиманите и евреите во Германија. Правниот спор меѓутоа ни од далеку не е завршен.

Обрежувањето е прастар руrален и религиозен обичај - во еврејството постапката треба да се случи на осмиот ден по раѓањето на машкото дете и го запечатува „сојузот со Бога“. И за муслиманите обрежувањето е религиозна обврска и се спроведува или кај бебињата или подоцна во детството - честопатио во рамки на голема семејна прослава.

Покраинскиот суд во Келн во обрежувањето на бебиња и мали момчиња меѓутоа гледа пред се’ нешто сосема световно - имено телесна повреда, а со тоа и казниво прекршување на германските закони. Еден обвинет лекар додуша судиите во вторникот (26.06. 2012) го ослободија, но само затоа што правосудната состојба досега беше недоразјаснета.

Проблемот е во обрежувањето на бебињата и на децата

Религиозната слобода и правото на практикување на верата во Германија се гарантирани со устав. Тие меѓутоа не стојат над законот, туку таму ги наоѓаат нивните граници, кога други права од поголемо знчење ќе бидат прекршени. Едно такво исклучително важно основно право е „правото на телесна неприкосновеност“ - кое со обрежувањето несомнено се повредува. Возрасен човек може без проблеми доброволно да се согласи на тоа, но не и доенчињата. Големото прашање е дали религиозно мотивираните желби и согласноста на родителите, во рамките на нивното родителско право, можат да го направат обрежувањето законско.

„Не“ смета професорот Холм Пуцке од Универзитетот Пасау. Тој во 2008 со стручна публикација ја поттикна правната дискусија околу обрежувањето во Германија. За експертот по право, аргументот дека симболичното прифаќање во религиозната заедница преку обрежувањето е за „добро на детето“ не е уверлив. Тој и другите критичари на обрежувањето укажуваат на тоа дека прастарите религиозни и културни традиции би морале да се одмерат низ призмата на модерното сфаќање на правото. Едно решение би било одлуката околу обрежувањето да се одложи се’ додека погоденото лице не е доволно возрасно за самото да го направи изборот. За Пуцке одлуката на Покраинскиот суд во Келн затоа е „референтна и храбра пресуда“. 

Професорот Биџан Фатех Могадам од Универзитетот Минстер гледа сосема поинаку на работите од правен аспект. За него обрежувањето е „релативно лесна операција со сосема мали ризици и од друга страна со признати медицински предности“. Согласноста на родителите значи не е злоупотреба на родителското право.

Спорот би можел да трае со години

Во пресудата на судот во Келн, тужениот лекар, кој извршил обрежување, беше ослободен од обвинението за нанесување телесни повреди. Судот посочи дека со оглед на досега неразјаснетата правна ситуација не може да се каже дека лекарот направил нешто против законско. По пресудата во Келн меѓутоа работите се менуваат, жали Фатех Могадам: „Сметам дека таа одлука ќе доведе до значителна несигурност, како кај погодените родители, така и кај лекарите во уролошките ординации, кои нудат услуга на обрежување“. 

Правната дискусија меѓутоа ни од далеку не е завршена со пресудата од Келн. Тоа го потврдува и професорот по кривично право од Универзитетот Бон Мартин Безе. Повисок суд во друг случај би можел повторно да донесе поинаква одлука. За конечно разјаснување на ситуацијата би морале да се погрижат Сојузниот врховен суд или, пак, Сојузниот уставен суд, смета Безе. Тој меѓутоа не ја поддржува идејата религиозното обрежување да се дозволи со специјален закон.

За професорот Биџан Фатех Могадам, специјален закон за обрежување теоретски е замислив, меѓутоа ниту е корисен, ниту неопходен. Двајцата експерти се единствени во една работа - дека е можно работата да заврши пред Европскиот суд на правдата. Спорот околу обрежувањето значи би можел да трае со години.