1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Законот за зеленило наскоро во парламентот

Законот предвидува со зеленилото во Македонија да се управува на начин со кој трајно ќе се зачува и зголеми неговата вредност, велат од работната група.

Закон за зеленило и зелен катастар се двата проекта со кои наскоро ќе почне постапка за институционално решавање на проблемот со обезбедување квалитетно зеленило, како предуслов за унапредување на еколошката слика на главниот град, општините и на земјата во целина. Во Скопје во повеќе случаи се покажа дека секое инцидентно трчање за да се спаси едно или повеќе дрвја не дава резултат. Последниот таков пример е случајот со сечата спроти хотелот „Бристол“. Стево Темелковски, заменик-министер за животна средина, уверува дека се при крај подготовките за трајно институционализирање на зеленилото.

„Нацрт-законот е подготвен, потребни се уште некои усогласувања и се надевам дека по крајот на летните одмори, тој ќе влезе во собраниска процедура“, вели Темелковски.

Иницијатива на ДОМ

Иницијативата за овој проект, која подолго време ја турка партијата за зелените - ДОМ, е пред самиот финиш. М-р Слаѓана Стаменкова, претседател на партиската Комисија за животна средина, е задоволна што нивната иницијатива е преточена во законски проект.

„Потребата од ваков закон ја иницираа претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска и членови на партијата, а во работната група учествуваа и претставници од Агенција за просторно планирање, од претпријатието ’Паркови и зеленило’, од секторот за животна средина на Град Скопје и претставници од општините. Сите дадоа свои предлози, забелешки и сугестии , по што дојдовме до оваа верзија на законот. Тој ќе биде добра основа за јавна расправа, со цел да добиеме што подобар и поефикасен закон кој успешно ќе се имплементира во практиката“, вели Стаменкова.

Со законот треба да се уреди планирање, проектирање, подигање, уредување, одржување, заштита, користење и финансирање на зеленилото, управувањето со него, како и надзорот врз примената на законот. Основна цел е со зеленилото да се управува на начин со кој трајно ќе се зачува и зголеми неговата вредност, а ќе се обезбеди и спроведување на неговите плански, социјални, еколошки и економски функции.

Тешко до Зелен катастар

Законскиот проект делумно е подготвуван по примерите на регулативите од Австрија и Германија, но пред се‘ е воден од автентичните потреби и проблеми. Заложбата е да се смени односот на локалните власти кон зелените површини, кои често пати многу лесно носат одлуки за нивна пренамена во градежни парцели. За разлика од нацрт-законот за зеленило, изработката на Зелен катастар е многу пообемен проект, кој бара и многу време и финансиски средства. Колку за споредба, за изработка на зелениот катастар на Виена биле потребни речиси седум години. Во Зелениот катастар треба да биде евидентирано секое „парче“ зеленило, не само од јавните површини, туку и од приватните, како и она меѓу станбените блокови. За реализација на дел од овој проектот уште пред две години како донатори се најавија неколку приватни компании, но се‘ заврши како празно ветување. Во меѓувреме, од Градот најавуваат изработка на Студија за раззеленување на подрачјето на Скопје, во која ќе се направи анализа на постојното зеленило и проекција за ново. Студијата ќе се прави во согласност со климатските услови, бидејќи и од нив во голема мера зависи загубата на зелени површини.

Малку зелени квадрати

Скопје има 5.051.807 квадратни метри зелена површина или 12,07 по жител, што е двојно помалку од европските препораки за 25 квадратни метри. Но, ако се исклучи вонградското зеленило, тогаш Скопје има уште помал просек- според пописот од 2002 година само 7,66 квадратни метри зеленило по жител. А од 2002 година до денес, состојбата е многу изменета. Најзагрозен е строгиот центар на градот. Споредбата на зелените површини покажува дека во 2012 во централниот „Мал ринг“ имало 34.994 квадратни метри зелени површини, што е 50 отсто помалку отколку во 2002 година кога имало 75.649 квадратни метри зеленило, покажа студијата „Ни снемува дрвја!“

„Реалната зелена маса во 2012 е за 22 отсто помала од онаа во 2002 година. Ова е последица на сечењето претежно стари дрвја со големи крошни и садење млади садници кои се‘ уште немаат формирано крошни. Не се води сметка за фактот дека на новите садници ќе им бидат потребни десетици години за да го достигнат дијаметарот, висината, волуменот и богатата лисна маса на исечените 50-годишни дрвја“, се вели во студијата.

Посебен проблем што се јавува при пресметување на зелените површини е нивниот квалитет и распоред по општините. На пример, блоковското зеленило се движи од 0,74 квадратни метри по жител во општината Шуто Оризари до 11,17 во Аеродром. Но, и локалните власти не се грижат подеднакво за животната средина. Исклучок од оваа состојба е општината Аеродром, каде за четири години се подигнати седум парка. Со тоа општината е на добар пат да го заработи епитетот „скопски Глазгов“, по угледот на овој шкотски град кој има најмногу паркови по квадратен метар во Европа.