1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Законот за енергетика доаѓа

Колку пари дневно губи Македонија во енергетскиот сектор? Одговорите на ова прашање се дијаметрално спротиставени во зависност од каде доаѓаат.

default

Законот за енергетика ги „затемни“ дополнително релациите претседател-премиер

Неделава, Законот за енегетика одново, по трет пат, ќе се најде на дневен ред во македонскиот парламент. Станува збор за еден од петте проблематични закони што ја фрлија земјата во уставна криза и до крајни граници ја нарушија кохабитацијата меѓу владата и претседателот.

Груевски: „На уцени не попуштаме“

Енергетиката во последниве години се наметна како клучен сегмент на македонската економија. Целиот Балкан па и Македонија се соочува со недостиг на енергенси. Решение владата бара во промена на енергетскиот модел. Клучна промена е укинувањето на обврската државата да ги покрива загубите на австриската компанија, ЕВН. Премиерот Никола Груевски е кетагоричен: „Тие се моќна компанија. Јас разбирам дека тие можат да насочат не само медиуми, туку можат да насочат и влади против Република Македонија. Точно е дека ние сме мала држава, зависиме за влез во НАТО, во ЕУ, но не сме подготвени на таков вид на уцени да одговараме позитивно.“

Владата го обвини шефот на државата дека со непотпишувањето на указот за законот и‘ нанесува штета на државата. Црвенковски возврати: „Бев обвинуван дека со непотпишување на указот на Законот за енергетика и‘ нанесувам огромна финансиска штета на Република Македонија и нашите граѓани – 136 илјади евра дневно, или за една година таа штета би изнесувала 50 милиони евра. Ако е тоа точно, се поставува едно логично прашање – зошто цели две години наназад владата на чело со Груевски и Ставревски не го донесе овој закон? Дали тоа значи дека штетата, по истата таа нивна логика, за тие две години е 100 милиони евра? Кој ќе ја сноси одговорноста за тие изгубени пари на граѓаните на Република Македонија? Дали тоа ќе биде Груевски, дали тоа ќе биде Ставревски, или како и за многу други работи, на пола фифти-фифти? “

Се препорачува внимателност

Освен релациите со ЕВН, законот предвидува на државните електрани да им се даде право да продаваат, но и да тргуваат со струја. Тоа ја разбранува домашната експертска јавност, но и бриселската администрација. Некои препознаа опасност од создавање монопол во Македонија. Професорот од Машинскиот факултет, доктор Атанаско Тунески за Дојче Веле објаснува зошто законот за енергетика крена голема прашина:

„Треба да се биде внимателен затоа што може да се случи она што сега ни‘ изгледа како розова прикаска - дека ќе го натераме ЕВН да плаќа 50-тина милиони евра на годишно ниво, може на подолг рок за година, две, три, после некакви арбитражи и жалбени процеси, тие да се претворат во штета за државата. Не велам дека тоа мора така да биде, но велам дека треба да се биде внимателен.“

Поскапување на струјата е неизбежно

Европската комисија имаше одредени забелешки на законот за енергетика. Македонски претставници беа специјално во Брисел за да ги слушнат сугестиите. Според најавите, препораките на комисијата не се земени предвид ниту во најновата верзија за која македонскиот парламент ќе расправа деновиве. Без оглед на законот, најголема промена што директно ќе ја почуствуваат граѓаните е поскапувањето на струјата, кое во наредните месеци е неизбежно со оглед на глобалните движења на цените во регионот кои нема да ја заобиколат ниту Македонија.