1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Законот за доселување: спорот траеше речиси три години, а договор е постигнат за само еден час

Странци осомничени за терористички активности ќе можат да бидат протерани од Германија иако не сториле кривично дело! Се олеснува доселувањето на вискокостручни лица и останувањето на студенти по дипломирањето.

Министерот Шили и канцеларот Шредер синоќа на прес-конференција по разговорите со лидерите на ЦДУ/ЦСУ

Министерот Шили и канцеларот Шредер синоќа на прес-конференција по разговорите со лидерите на ЦДУ/ЦСУ

По разговорот со претседателите на опозиционите демохристијански партии ЦДУ/ЦСУ канцеларот Герхард Шредер синоќа објави: “Постигнавме политичка согласност врз основа на еден компромисен предлог што јас го подготвив, а беше усогласен со нашиот коалиционен партнер”.

Сите учесници во преговорите не беа подеднакво задоволни од компромисот. “Го постигнавме она, што јас постојано го барав: ова големо реформско дело да го поставиме врз широка политичка основа. Тоа позитивно се одразува во општеството” – рече сојузниот министер за внатрешни работи Ото Шили, кому очигледно му падна еден голем камен од срце.

Меѓу задоволните е и претседателот на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) Едмунд Шројбер: “Законот сега е и закон за генерално ограничување на доселувањето, како и за негово насочување. Со тоа е остварено едно големо залагање на ЦДУ и ЦСУ”.

Ангела Меркел, претседател на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), беше многу повоздржана - таа потврди дека е постигната согласност, но остави подотворена врата: “Дали во оваа постапка ќе дојде до согласност ќе може да се каже дури кога ќе биде изработен нацрт-законот и тој ќе добие мнозинство во Одборот за посредување. Но, политичката оцена гласи дека се исплати стремеж кон донесување на законот”.

Зелените се најнезадоволни – тие мораа да попуштат до крајната граница на нивните претстави и се прашуваат дали е ова коалиционен предлог или СПД оди по самостоен пат. Рајнхард Битикофер, копретседател на Партијата, прокоментира: “Довербата е добра, контролата уште подобра. Ние интензивно ќе учествуваме во тоа и точно ќе внимаваме да не дојде – како што денеска навести госпоѓа Меркел – до дополнителни преговарања”.

Законот, значи, ќе има широка парламентарна поддршка и треба да биде донесен уште пред летната сезона. Тој во основа олеснува доселување на вискоквалификувани лица. И студентите ќе можат полесно да останат во земјата по завршувањето на студиите. Кај хуманитарните прашања, пак, повеќе беа земени предвид заложбите на Зелените. Владата и‘ излезе во пресрет на опозицијата по прашањата за внатрешната безбедност, па странци ќе можат да бидат протерани и само врз основано сомнение за терор - без да сторат кривично дело. За доделување трајна дозвола за престој, или при барање за добивање државјанство, сега задолжително ќе мора да се побара и мислење на Службата за заштита на државата.