1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За „бомбите“ и за „свиркачите“ рок до 20 октомври

Катерина Блажевска7 октомври 2015

Попладнево продолжуваат разговорите во работната група за изборниот пакет, а спорниот закон ќе чека до 20 октомври. Еден од предлагачите, Талат Џафери одбива да го повлече предлог- законот.

https://p.dw.com/p/1Gk2I
Фотографија: MIA

До 20 октомври ќе бидат одложено разгледувањето на предлог- законот за забрана за објавување на „бомбите“ и за заштита на „свиркачите“. Ваков договор, според амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав (на главната фотографија), бил договорен меѓу партиите. И покрај ова, меѓу партиите владее разногласие по ова прашање. Од СДСМ велат дека меѓународните посредници бараат прво да се повлече предлог законот за забрана на објавување на опозициските „бомби“, за да може да продолжат разговорите за реформи во изборниот пакет. Според Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, постигнат е договор предлог законот да се врати на доработка. „Ќе се интервенира во неговата содржина преку амандманската расправа, а ќе биде разгледуван и од работните групи паралелно со изборниот законик“, рече Милошоски.

Попладнево се огласи и амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија. Оттаму соопштија дека партиите се договориле предлог-законот за забрана за објавување на „бомбите“ да се отвори во работни групи, и да се разгледа „такво можно законско решение во пакет со законско решение за заштита на таканаречените свиркачи“ и сето тоа заклучно до 20 октомври.

„Овие закони отвoраат сериозни прашања во врска со слободата на изразувањето, правото на граѓаните на приватност и доброто владеење, кои што треба да бидат адресирани во согласност со меѓународните обврски на Македонија", се наведува од амбасадата на САД.

Џафери не го повлекува законот

Поднесувањето на контроверзниот предлог закон во Собранието, уште вчера ги блокираше разговорите во работната група, поради одредбите кои значат воведување цензура и драконски санкции врз широк опсег - медиуми, веб портали и социјални мрежи кои нема да ја почитуваат забраната за објавување на бомбите. Иако партиите подносители на предлог законот синоќа ветиле дека тој денеска ќе биде повлечен, тоа до попладнево не се случи.

Претседателот на Собранието тврдел дека тој не може да го повлече предлогот бидејќи е влезен во процедура, и дека тоа може да го сторат само предлагачите. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, еден од предлагачите на законот , потврди дека предлогот се уште е во собраниска процедура. Тој најави дека со копредлагачот, Талат Џафери од ДУИ, до вечер ќе се договорат што ќе прават со предлог законот. Џафери, пак, ги прозва претставниците на работната група кои доцна синоќа неофицијално договориле повлекување на законот, јавно да одговорат зошто го направиле тоа. Тој попладнево имаше средба со европскиот олеснувач во разговорите, Питер Ванхауте, по која, запрашан дали ќе го повлече законот децидно одговори: „Не!“

Стоп за цензурата

Здружението на новинарите денеска силно го осуди обидот за воведување на цензура преку предлог законот за забрана на објавување и поседување на прислушуваните материјали.

Aspen Konferenz
Антонио МилошоскиФотографија: DW

„Со овој скандалозен предлог наместо очекуваното подобрување на слободата на изразување и независноста на медиумите, власта се обидува да ја елиминира слободата на говор и да им наметне на новинарите и медиумите за што смеат, а за што не смеат да ја информираат јавноста. Ваквиот непримерен законски предлог го прекршува Уставот кој во членот 16 изречно вели дека цензурата е забранета. Освен тоа, Европската конвенцијата за човекови слободи и права, која Македонија се има обврзано да ја почитува, недвосмислено ја штити слободата на изразување. Потсетуваме дека новинарите се должни да објавуваат информации што содржат сомнеж за злоупотреби на сите носители на јавни функции бидејќи на тоа ги обврзува новинарскиот Кодекс во кој јасно стои дека новинарот ќе ги почитува законите во државата, но нема да објави или сокрие ништо што е во спротивност со јавниот интерес“, соопшти ЗНМ.

Здружението ги повика политичките партии да престанат да се занимаваат со работи кои може да нанесат дополнителна штета на и онака неповолната состојба во која се наоѓаат новинарите и медиумите и побара да се посветат на системско решавање на проблемите.

А, под слоганот „Стоп за цензурата! Не ги даваме бомбите!“, граѓанското движење „Ајде“ денеска во 18 часот најави протест пред Собранието против најавениот предлог-закон за забрана на објавувањето на прислушуваните материјали.

Додека јавноста протестира, во Клубот на пратениците започнува нов обид за приближување на партиските ставови за реформи во изборниот законик. Засега владее воздржан оптимизам дека може да се постигне договор.