1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Заклучокот од Лондон не е ниту фактички, ни дипломатски успех

Коментар на Петер Филип

Симболична слика: Иран и атомската енергија

Симболична слика: Иран и атомската енергија

Заклучокот не можеше да биде посилен, рече американски дипломат по синоќешните советувања околу иранската атомска политика. И, неволно признава дека постојаните членки на Советот за безбедност на ОН и Германија, во Лондон родија глувче. САД и ЕУ требаше да побараат Меѓународните атомски власти уште неделава да донесат заклучок за вклучување на Советот за безбедност на ОН. Сега небулозно се вели дека Советот за безбедност ќе биде информиран, но дека ќе се почека наредната седница на Меѓународната агенција за атомска енергија во март, а потоа ќе се бара дејство на Советот за безбедност врз основа на извештајот на атомските власти.

Јасно речено – аферата, и покрај задоволните изјави од американски и европски кругови, е одложена. Русија и Кина, но и ОН и шефот на ИАЕА, Мохамед Ел Барадеи, успеаја во намерата, после сите притисоци во таа насока, да добијат на време и да не се избрзува. И, без да се земат предвид задршките на Москва и на Пекинг, ноќеска немаше да може да се постигне никаква согласност.

Во вакви околности, судирот околу иранската атомска програма останува контроверзен и дубиозен. Европејците во последно време вршеа особено големо влијание за вклучување на Советот за безбедност и за негово придвижување за донесување санкции за Техеран. Но, истовремено, дури и во Вашингтон, растеа сомневањата дали вакво нешто е воопшто можно. Од една страна, се појасно стануваше дека донесувањето санкции нема да успее поради вето на Кина или и на Русија. И, второ, никој не сакаше да се одлучи за санкции кои навистина и би донесле резултат и би го принудиле Техеран на промена на односот. Но, колку помало дејство имаат ветените средства за притисок, толку повеќе постои опасност патот до Њујорк да се претвори во дипломатско фијаско.

Русите, наспроти тоа, го обновија својот предлог да го натераат Техеран на компромис, кој ќе му овозможи да го сочува образот, а истовремено ќе ја намали и недовербата присутна кај меѓународната заедница – Русите и Иранците, би требало заедно, во Русија, да облагородуваат уран, без притоа Техеран да мора во основа да се откаже од своето право тоа да го прави и во сопствена режија во својата земја. Иран, според договорот за неширење нуклеарно оружје има вакво право, се додека ја користи атомската енергија во мирновременски цели. А, во конкретниот случај, досега недостига јасен доказ дека Иран следи некои поинакви, освен мирновременски цели. Тоа што без ваков доказ, сепак, постојано доаѓа до нови тензии во меѓународни рамки, не е засновано на факти, туку на недоверба на западот кон Техеран. И, пречесто се мешаат причината и дејството. Во тоа политичарите воопшто не заостануваат. Како во конкретниот случај – сега се вели дека во Лондон е донесен заклучок за ставање на Иран пред Советот за безбедност. Во стварноста, меѓутоа, тоа е засега само одложено на долг рок. Тоа воопшто не е фактички, ниту е дипломатски успех. Во најдобар случај е само успех на дијалектиката.