1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Закана или одбрана?

Полска и САД постигнаа согласност за изградба на анти-ракетен штит на полска територија. Веста од Варшава предизвикува лавина реакции. Рускиот министер за надворешни работи, Лавров, ја откажа посетата на Полска.

default

Американскиот и полскиот преговарач по парафирањето на договорот во Варшава

Русија во парафираниот договор за анти-ракетниот штит во Полска, гледа директна опасност за својата безбедност, цитира агенцијата Интерфакс висок претставник на руското министерство за надворешни работи. Тој додава дека со оглед на содржината на документот и брзината со која се дошло до согласност меѓу САД и Полска, станува јасно дека договорот нема врска со некакви закани од ирански ракети, туку е насочен против Русија. Заменикот шеф на генералштабот на руската армија, Анатоли Ноговицин, изјави дека со изградбата на анти-ракетниот штит Полска се загрозува себеси, зашто такви цели, во случај на опасност се први што се уништуваат.

Реакциите во САД, наспроти тоа одат во насока на тоа дека е направен важен чекор и договор за безбедноста на САД, Полска и НАТО-сојузниците. Во Вашингтон се повторува дека анти-ракетниот штит не е насочен против Русија, туку би требало да ги заштитува европските сојузници од напади на непресметливи држави, како на пример, од Иран. Американската министерка за надворешни работи, Кондолиза Рајс, изјави дека се надева оти парафираниот договор ќе може да го потпише многу бргу.

Европарламентарецот, Елмар Брок, е еден од првите европски политичари кои го дадоа своето мислење по парафирањето во Варшава. Тој на договореното реагира со голема скепса и смета дека ЕУ мора да ја преиспита својата политика кон Русија. „Не постои заедничка стратегија кон Русија, ниту во ЕУ ни во НАТО“, тврди Брок.

Следува заладување?

Аналитичарите се сигурни дека она што следува е заладување на руско-полските односи. Професор Диотер Бинген, директор на Германскиот институт за Полска, за Дојче Веле изјави: „Она што следува е заладување на руско-полските односи, барем краткорочно.“

Инаку, парафираниот договор меѓу Полска и САД предвидува на полскиот север, покрај базата за американскиот анти-ракетен штит, да бидат стационирани и модерни ракети за одбрана од типот „Патриот“. Полскиот премиер, Доналд Туск, образложи дека за безбедноста на неговата земја постојаното присуство на американските трупи има големо значење. ЕУ и НАТО на Полска досега и‘ давале чувство на безбедност, нагласи Туск. Но, тоа, очигледно веќе не е доволно: „Верувам во воената сила на НАТО, но исто така знам колку трае оваа машинерија да се стави во погон. Затоа велам јасно - Полска сака вакво партенрство, каде што помошта пристигнува уште првиот ден. “