1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Заканата од визи останува

Иако бројот на македонски баратели на азил во Германија е намален, суспендирањето на слободниот визен режим е актуелно, особено по писмото до Даблин на министрите на Германија, Австрија, Холандија и Велика Британија

„Укинувањето на слободното движење во Европа поради стотината сиромашни луѓе од Македонија кои бараат подобар живот во Германија го сметам за - авантуристички. Алармот на министерот Фридрих го гледам само како тема која е во контекст на престојните избори. Но, до толку повеќе е загрижувачки ако се знае дека германското МВР заедно со министерствата на Австрија, Холандија и Велика Британија со писмо испратено до претседателството на Европскиот совет бараат нова дискусија за еднострана суспензија на слободниот визен режим за Македонија и Балканот“,изјави за ДВ Мемет Килич, пратеник од Сојузот 90-Зелени во германскиот Бундестаг.

Дискусија во јуни

Писмото кое е потпишано од министерот Фридрих и неговите ресорни колеги од Австрија, Холандија и Велика Британија, до Даблин било испратено на 25 април, само шест дена по неформаната дискусија за истата тема во Бундестагот. Килич и тогаш од говорницата, а и сега за ДВ подвлече дека не е во европскиот дух националните држави еднострано, само со своја одлука да можат да го суспендираат слободниот визен режим. Конечно, слободното движење не е национална работа, туку придобивка на европскиот Шенген простор. Од Ирска, потписниците на писмото конкретно бараат прашањето околу можното суспендирање на слободниот визен режим да биде ставено на дневен ред на состанокот на комитетот за правда и внатрешни работи закажан за средината на јуни.

Bundestagabgeordneter Asylrecht - Memet Kilic

Загрижен од писмото на министрите на Германија, Австрија, Холандија и Британија. Мемет Килич (Сојуз 90 - Зелени)

Килич потсетува дека Европоската комисија од своја страна имала предложено државите на Унијата околу евентуалното суспендирање на визниот режим да не можат да одлучуваат на национално ниво, туку во критични ситуации за ова прашање да има исклучиво заедничка одлука на ЕУ и тоа само за одреден период. И сега, како подвлекува Килич, за ова мора да се произнесат и другите европски институции, но загрижува што поради барањата за азил од Балканот, за повторното воведување визи се залага најсилната држава во ЕУ – Германија. Барањето е потпишано и од министрите на Холандија и Австрија, но и на Велика Британија што е повеќе од чудно, зашто македонските граѓани за патувања во Обединетото Кралство мораат да имаат визи!!!

Состојбата се следи

Инаку од последните податоци за бројот на баратели на азил од Македонија, кои за ДВ ги достави германското сојузно МВР, се гледа дека состојбата е релаксирана. Бранот е намален од ноември 2012 , заклучно до април годинава. Кулминацијата инаку била во есенските месеци (август, септември и октомври). Или најалрмантен бил октомври 2012 кога азил во Германија побарале 1.881 лице, што е повеќе од вкупниот број поднессоци во 2011 година (1.753). Според најновата статистика од почетокот на 2013 заклучно со април азил во Германија побарале 717 македонски државјани, со што земјата се наоѓа на десетто место, последна во групата која ја предводи Руската Федерација. На второ место се барателите азил од Сирија, по што следуваат: Авганистан, Србија, Иран, Ирак, Пакистан, Сомалија и Грузија.

Bundestagabgeordneter Asylrecht - Michael Hartmann

Да не се подигаат нови рампи во Европа. Михаел Хартман (СПД)


„Во секој случај бројот на баратели на азил од Македонија е значително намален. Ова е резултат на брзата постапка при решавањето на предметите. Луѓето тука пристигнуваа пред зимскиот период од мака, барајќи подобар живот и покрив над главата. И самите видоа дека барањата за азил не се вистинското решение. Значи, вниманието треба да се насочи кон причините поради кои се бара азил, а не врз луѓето. Затоа и ја сметам за погрешна политиката која вели: не, не смеете да доаѓате поради што ќе ги заостриме мерките“,коментира за ДВ пратеникот Михаел Хартман, гласноговорник за внатрешна политика на социјалдемократрите во Бундестагот. Според него повторното подигање на „визниот ѕид“ не е решение, туку уште повеќе ќе ја влоши состојбата на Ромите зашто мнозинството од населението во матичните земји ќе ги смета за одговорни за новонастанатата ситуација.
„Затоа уште еднаш подвлекувам работата е да им се спротивставиме на причините поради кои луѓето заминуваат , да ги подобриме условите на живот онаму од каде доаѓаат..Пари за ова има од ЕУ, но вистински и целно не се користат. Мислам дека е добро што претставници на министерствата за внатрешни работи од покраините со свои тимови планираат да отпатуваат во земјите на барателите на азил и таму да ги советуваат властите во општините како подобро да ги искористат финансиските средства што стојат на располагање за ваквите програми. Ова е стопати подобро отколку да се кажува дека не смее да се патува. Европа живее од тоа што нема граници и не смееме да подигаме нови рампи во Европа“, е категоричен Михаел Хартман.
Хаген Рајнхолд од пратеничката група на Либералите во Бундестагот, за ДВ дополнува дека состојбата внимателно и натаму ќе се следи подвлекувајќи дека „визното олеснување било најдоброто нешто што му се случило на регионот“.
„Затоа и нема интерес истото да се суспендира и лично не верувам дека такво нешто и ќе се случи. Мислам дека станува збор пред се’ за проблем на администрацијата. Состојбата не е горливо алармантна, но бројките мора да се имаат пред очи“, коментира Рајнхолд.

Поврзана содржина