1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Заедно во Европа

Реемитувањето на емисиите на Дојче Веле на програмите на Македонското радио,кое почна на 1 мај,денеска и официјално е потврдено,со договор што го потпишаа првите луѓе на двете куќи, интендантот на Дојче Веле Ерик Бетерман и директорот на МРТВ,Борис Ставров.

Ерик Бетерман и Борис Ставров

Ерик Бетерман и Борис Ставров

Според шефот на германскиот медиумски гигант,Бетерман,Дојче Веле е мост меѓу европските народи:

„Ние не сме политичари, туку новинари,но имаме одговорност пред Европа да градиме мостови едни кон други.Членството е задача на политичарите,но медиумите се извидници во тие процеси.Дојче Веле на луѓето во Македонија треба да им пренесе што значи европска интеграција,рече интендантот Бетерман и додаде:

„Ние не сакаме да ве принудиме да ги применувате нашите системи,туку од нашето искуство да им пренесеме на вашите сограѓани како е да се живее во една заедничка Европа.“

Осврнувајќи се на историјата на соработката меѓу германската и македонската куќа директорот на МРТВ Борис Ставров рече дека двете страни имаат амбициозни планови:

„Ние сме овде да го продолжиме проектот кој што започнал во 1969 година,кој имал свои успони и падови кој денеска се договоривме да го поставиме во форма на проект кој ќе има неколку развојни компоненти,овој договор содржи можност за проширување на соработката и на телевизија и содржи можност за проширување на ова соработка и на делот на албанскиот јазик.“

Денеска потпишаниот договор предвидува емитување на трите емисии на Радио Дојче Веле на фреквенциите на Македонското радио.Досега зрачејќи преку партнерските радио станици Дојче Веле ја освои македонската публика.Најновото истражување од март годинава покажува дека 71 процент од Македонците знаат за Дојче Веле,а 16 проценти редовно го слушаат.

Главниот уредник на програмата, Нада Штајнман, очекува и во иднина Дојче Веле да биде најслушаниот и најверодостоен медиум во Македонија:

„Со нашата нова програмска иницијатива и со нови програмски содржини сакаме да и се доближиме на македонската публика уште повеќе.Зошто?Затоа што нашата програма од поголем број граѓани на Македонија се чувствува како актуелна и веродостојна.“

Југоисточна Европа и особено Балканот отсекогаш бил во фокусот на Дојче Веле.Главниот уредник на програмите на Средна и ЈИЕ Верица Спасовска објасни зошто е тоа така:

„Ние известуваме за тоа како функционира ЕУ,со кои проблеми се соочуваат луѓето кои живеат во Унијата,но и кои се предностите да се живее во Европа.Но исто така со нашите радио програми и со он- лајн ние го придружуваме процесот на интеграција на земјите кои се во транзиција“,изјави Спасовска.

Соработката меѓу Дојче Веле и МРТВ почна на први мај,а утрото од пред зградата на МРТВ тргна сино бел автобус кој ќе сообраќа низ Скопје и ќе ги рекламира програмите на Дојче Веле.