1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Заеднички против меѓуетничките инциденти

Претставници на Македонската Православна Црква и на Исламската Верска Заедница бараат заеднички апел од политичките партии за запирање на етнички мотивираното насилство во земјата.

default

Rасправа на Штуловиот универзитет во Тетово на тема „Улогата на верските лидери во градењето на меѓукултурниот дијалог“

„Верските заедници и нивните поглавари, но, и лидерите на главните и другите политички партии во Македонија треба да ги бараат и да ги изнаоѓаат точките на обединување, а не на поделба меѓу припадниците на македонскиот, албанскиот и другите етникуми во земјата, за да не се повторат меѓуетничките инциденти, случени во изминативе денови“ – ова е збирниот став од изјавите на високите претставници на Македонската православна црква, Исламската верска заедница и Бектешиската заедница околу меѓуетничките тепачки и другите немили случувања во изминатите денови во Македонија. Тие говореа за ДВ на маргините на вчера (13.03.2012) одржаната расправа на Штуловиот универзитет во Тетово на тема „Улогата на верските лидери во градењето на меѓукултурниот дијалог“, но и по нејзиното завршување.

Во дебатата учествуваше отец Игор Калпаковски од Скопје, говорејќи во име на поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот Стефан. Дојче веле го праша Калпаковски: која порака упатува МПЦ во овој момент?

Priester der Mazedonische orthodoxe Kirche

Отец Игор Калпаковски

„Пораката е дека треба да се смируваат работите. Постојат институции во државата, кои ќе ги средуваат овие работи, а на рамниште на заедниците треба да се продлабочуваат дијалогот и разбирањето.“

Исламот е неспоив со хулиганското однесување“

Во вчерашната дебата не учествуваа претставници на Исламската верска заедница, но, нејзиниот генерален секретар Африм Тахири дополнително изјави за ДВ:

„Во врска со меѓуетничките инциденти оџите веќе започнаа на редовните молитви во петоците и другите денови да упатуваат апели за смирување и исламско однесување. Верата не дава никаква можност за хулиганско однесување и мирот и редот во државата да бидат доведувани под знак прашање.

Proteste der Albaner in Gostivar, Mazedonien

По протестите во Гостивар

Оџите директно бараат од нашите верници да се однесуваат на исламски начин, значи, според правилата на верата особено сега, кога речиси секој ден имаме инциденти, чија логика нема никаква врска со верата. Како верски заедници, еве, веќе се повикуваме и на декларацијата од Охрид – ние имавме такви големи светски конференции за дијалогот меѓу верите, со декларации за придонес на религиите кон културите, кон мирот. Оттука, како верски заедници, се разбира дека треба и на терен да работиме на спроведување на тие декларации, на тие вредности.“

Тахири го нагласува и следниот став на ИВЗ:

„Ги осудуваме сите овие настани, без оглед на која страна се случуваат, без оглед од каде се поттикнати. ИВЗ смета дека треба да се ангажираат сите интелектуални потенцијали, како и институциите, за намалување на лажните перцепции, кои создаваат културен јаз, преку разни заеднички активности да промовираме заемно почитување меѓу заедниците.“

Отец Калпаковски се надоврзува со оваа позиција на МПЦ:

„Ако некој прави добри чекори кон постигнување на таа толеранција, тоа се верските заедници. Тоа е очигледно. Меѓукултурниот дијалог е добра работа, во секој случај, бидејќи трга настрана многу предрасуди, многу стереотипи, кои што постојат меѓу нашите заедници, главно, меѓу македонската и албанската, но и другите кои се вклучени во општествениот живот на земјата. Значи, потребни се нормален дијалог, разговор, запознавање колку е можно подлабоко ... “

Исламската верска заедница преку Африм Тахири ги повикува и лидерите на поголемите политички партии да придонесат кон смирувањето на ситуацијата во Македонија:

„Сметаме дека има потреба заеднички да се апелира и до помладите, во прв ред, и во овој дел лидерите на верските заедници тоа го повторуваат веќе неколкупати во последно време. Но, не знам, или не се сеќавам, кога последен пат имале заеднички апел и лидерите на поголемите политички партии. И тие да размислуваат во оваа насока, да имаат заеднички апел до граѓаните и до помладите.“

Политичките чинители да си подадат раце

Во овој контекст Калпаковски вели:

„Тие што треба да си подаваат раце се, пред се, политичките чинители, бидејќи ние, како верски заедници, досега секогаш сме седнувале на маса, сме разговарале, сме постигнувале согласности, сме имале дијалози на планот на богословски факултети. Ние сме учествувале едни кај други, сме одржувале предавања. Секогаш сме испраќале пораки за мир и разбирање“.

Baba Edmund , Häuptling der Derwisch-Gemeinde in Mazedonien

Баба Едмонд Брахимај, поглаварот на Бектешиската заедница на Македонија

Баба Едмонд Брахимај, поглаварот на Бектешиската заедница на Македонија со седиште во Тетово, во изјавата за ДВ е категоричен:

„Тие настани не се добри и ги прават одредени сегменти со цел да ја нарушат хармонијата во земјата. Во прв ред, ние сме луѓе и како луѓе треба да изнајдеме точки на обединување меѓу заедниците, било во верска, било во етничка смисла. Не точки на поделба, кои ги имаме едни кон други, туку точки на заедништво, тоа да бидат поврзувачките мостови, за да продолжи да постојат хармонијата и љубовта во Македонија. Како Бектешиска заедница, ние ќе одиме врз основа на законите на државата и ќе ја упатиме нашата порака да нема повеќе такви тешки настани, било за Македонците, било за Албанците. Законите во земјата се поволни и одат во прилог на тоа да не се повторат таквите работи.“

Останува да се види во претстојните денови колкаво и какво влијание ќе извршат ваквите пораки на духовните, верски водачи и нивните верски заедници врз граѓаните од различна етничка и вероисповедна припадност.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски