Заеднички против допингот и за безбедност на меѓународните манифестации | Теми | DW | 14.03.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Заеднички против допингот и за безбедност на меѓународните манифестации

Неформална средба на министрите надлежни за спорт од 27-те земји на ЕУ во Штутгарт

Волфганг Шојбле

Волфганг Шојбле

Германија се залага за подобро меѓусебно усогласување и поврзување на европските земји во борбата против допингот во спортот. “Европа мора да биде предводник во таа борба, мораме да ја јакнеме меѓународната соработка”, рече германскиот министер за внатрешни работи Волфганг Шојбле, во чиј ресор спаѓа и спортот, а европски колеги целосно го подржаа. Во иднина треба да бидат поставени единствени мерила во борбата против допингот и да бидат затнати сите законски дупки, а земјите да им укажуваат меѓународна службена помош на допинг-контролорите. “На европско ниво не можеме да донесуваме закони, туку само засилено да ги поврземе националните напори” – рече Шојбле. Сакаме да му помогнеме на спортот, нагласи еврокомесарот за спорт Јан Фигел.

На средбата е побарана и меѓународна соработка на безбедносните сили кај средби на национални репрезентации или натпревари од европските купови. Уште за време на минатогодишното светско фудбалско првенство во Германија ангажирањето полицајци од Велика Британија или Франција многу придонесе за мирољубивата атмосфера, потенцира министерот Шојбле. “Можам да си замислам да стане правило кај големите спортски настани, кога играат екипи од две земји, да бидат ангажирани и полицајци од земјата на гостинскиот тим” – рече Шојбле.

И претседателот на Организациониот комитет на мондијалот 2006 Франц Бекенбауер укажа дека уште долго пред првенството имало добра соработка со министерствата за внатрешни работи на соседните земји.