1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Заеднички кандидат за наследник на Вулф?

По оставката на германскиот претседател, канцеларката Меркел изрази длабоко жалење и му изрази почит за досега стореното. Меркел најави дека ќе бара заеднички кандидат со коалициониот партнер и партиите на опозицијата.

Германската канцеларка Ангела Меркел изрази „лично длабоко жалење“ поради оставката на германскиот претседател Кристијан Вулф и му изрази „голема почит“. Во однос на барањето на обвинителството од Хановер за укинување на имунитетот на досегашниот претседател, канцеларката изјави дека јачината на една правна држава е што „секој се третира подеднакво, без оглед на позицијата што ја има“.

Вулф, смета Меркел, во неговиот мандат „со сета енергија се залагаше за модерна и отворена Германија.“ „Вулф и неговата сопруга достоинствено ја презентираа Германија во земјата и во странство“, дополни Меркел во изјавата за новинарите во Берлин. Вулф, според германската канцеларка „испрати важни импулси и јасно даде до знаење, дека силата на оваа земја лежи во нејзината разноликост“.

Германската канцеларка во кусата изјава најави дека партиите на Унијата и Либералите ќе бараат кандидат заедно со партиите на опозицијата. „Би сакале да се обидеме да предложиме заеднички кандидат за оваа функција“ изјави Меркел. За таа цел, Меркел прво ќе води разговори со владините партнери на ЦДУ, ЦСУ и Либералите. Имено, за наследникот на Вулф, Меркел уште утре во Берлин ќе води разговори со претседателите на ЦСУ, Хорст Зехофер и на ФДП, Филип Реслер. Непосредно потоа канцеларката има намера да оствари контакти и со опозиционите социјалдемократи и Партијата на зелените.

Автор: АТ/ ЕМФ/ дпа/ дапд/ ројтерс

Редактор: Александра Трајковска