1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Заеднички за евроинтеграцијата на Македонија

Денес и утре на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Република Македонија, кој се одржува во Скопје се очекува уште еднаш да биде побарано од Европскиот совет да одлучи да отвори преговори за членство на Македонија

default

Под заедничко претседателство на Кенан Хасипи и Јорго Шацимаркакис, македонските парламентарци и европратениците ќе треба да ги разгледаат односите меѓу Македонија и ЕУ, во присуство на претставниците на македонската влада и на ЕУ.

Потоа, тие ќе расправаат и за одбележувањето на 10 годишнината од Охридскиот договор во контекстот на културната разноликост на државата; Реформите на јавната администрација, судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, развојот на визната либерализција; граѓанското општество и неговата вклученост во одлучувачкиот процес, слободата на изразување и слободата на медиумите.

Мешовитиот парламентарен комитет ќе расправа и за економската ситуација во земјата и последиците во неа од економската криза во еврозоната, како и транспортните коридори.

Повторување на препораката за почеток на преговори

Jorgo Chatzimarkakis

Јорго Шацимаркакис

По дводневната дебата во Скопје, европратенците и македонските парламентарци се очекува, уште еднаш, да ја потврдат препораката на Европската комисија за почеток на преговори со Република Македонија и да испратат повик до Европскиот совет да не го одлага и понатаму почетокот на овие преговори, чиј почеток треба да биде во најкраток можен рок.

Слично како и во резолуцијата на Европскиот парламент, донесена на 7 април, во која главната порака беше барањето за итно отворање на преговорите за членство во ЕУ, со жалење што Советот на ЕУ не ги следел досегашните препораки на Европарламентот и на Европската комисија. Пред десетина дена лично шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во Стразбур имаше можност да дискутира со европратениците за евроинтегративните процеси на неговата земја.

Нерешениот спор за името една од темите

Martin Schulz

Мартин Шулц

Иако европратениците не посакуваат на состанокот во Скопје да се расправа за спорот со името, сепак тоа не ќе може да се избегне, бидејќи токму тој спор го блокира европскиот пат на Македонија. А тука е и се уште жешката тема за изоставањето на придавката „македонски“ во извештајот на Европската комисија, откако таа беше избришана и од извештајот на Европскиот парламент.

Германскиот европратеник Микаел Крамер, член на делегацијата од редовите на Зелените, инсистира на фактот дека евроатлантската интеграција на Македонија е блокирана од страна на Грција, иако таа со спогодба се обврза да не поставува пречки за членството на Македонија во меѓународните организации и институции.

„ЕУ покажа солидарност со Грција при финансиската криза, затоа велам дека е потребно Грција да покаже солидарност со НАТО и со Европската Унија. Не можам да си замислам во една ваква ситуација Грција да ја блокира интеграцијата на Македонија во ЕУ само поради името.“

Дали ЕУ ќе земе поголема улога во решавањето на спорот

Неодамна во изјава за Дојче Веле, најверојатно идниот претседател на ЕП, Германецот Мартин Шулц призна дека интересот во Европската Унија во моментов е свртен кон Грција и многу помалку е насочен кон прашањето на односите меѓу Грција и Македонија. Тој смета дека решението за проблемот со името може да биде пронајдено само преку билатерално приближување меѓу двете земји под еден вид на покровителство на ЕУ.

Michael Cramer Porträt Querformat

Микаел Крамер

„Тоа се разбира е билатерален конфликт меѓу држава кандидат и држава членка, но тој проблем се однесува на сите нас. Кога велам сите, мислам на сите држави членки, но пред се Европската Унија како таква. Затоа мислам дека решението на проблемот може да биде пронајдено под еден вид на посредништво на Европската Унија.“

Постои решение

Жозеп Дол претседателот Групата на народните партии - најголемата политичка група во ЕП, смета дека е можно да се деблокираат евроинтегративните процеси за Македонија.

„Знаете, секогаш постојат решенија. Европа е изградена со компромиси и убеден сум дека ќе биде најдено решение и за Македонија. Добро го познавам нејзиното досие, тоа добро напредува без многу бука и убеден сум дека ќе најдеме решение. Ние мораме да најдеме решенија за Балканот, бидејќи тој регион е многу важен за Европа и затоа Балканот многу набрзо треба да стане дел од Европа.“

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Борис Георгиевски