1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Заедничка порака за смирување на тензиите во Струга

Водачите на двете најголеми верски заедници да влијаат за поголемо меѓуверско разбирање, побара претседателот Иванов на средбата со поглаварите на МПЦ, г.г. Стефан и на ИВЗ, Реис ул улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи.

default

Македонскиот претседател Иванов со поглаварите на МПЦ и ИВЗ, гг. Стефан и Сулејман ефенди Реџепи

Кој било изолиран инцидент, каде и да се случил, треба да биде осуден од страна на сите. Тоа го заклучија македонскиот претседател Ѓорге Иванов  и поглаварите на Македонската православна црква и на Исламската верска заедница, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и Реис ул улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи на денешната средба  по повод настаните во општините Вевчани и Струга.

Претседателот Иванов, соопшти неговиот Кабинет, очекува извршителите на инцидентите да одговараат согласно законите. Поглаварите на двете најголеми верски заедници изразиле увереност дека традицијата на заеднички живот која опстојувала со векови останува вредност и придобивка на сите граѓани. Заеднички упатуваат порака за одговорност во негување на традиционално добрите меѓуверски односи и на културата на толеранција.

Средбата беше свикана на иницијатива на претседателот Иванов, во рамките на негови редовни контакти со претставниците на верските заедници во Македонија.

Spannungen und Zwischenfälle in Struga Mazedonien

Карневалот предизвика незадоволство

Осуда на настаните од Комисијата за односи со верските заедници  

И Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи како државен орган одговорен за почитувањето на верските права и слободи и кој ги следи активностите на верските заедници со жалење констатира дека настаните во Вевчани, Октиси, Лабуниште, Струга го разнишаа верскиот соживот во Република Македонија.

Тоа, стои во соопштението од директорот на Комисијата, Валентина Божиновска, е крајно неприфатливо во период кога Република Македонија и од Европската унија и од Стејт департментот добива највисоки позитивни оценки за почитувањето на верските права и слободи.

Комисијата повикува на мирен тон, дијалог на сите засегнати страни низ јавни дебати, институционално решавање на недоразбирањата, институционално изразување на ставовите, се‘ со цел да се надминат различните перцепции околу настаните, а воедно сите заедно да создадат клима на меѓусебно почитување и разбирање, се вели во соопштението.

Упатен апел за смирување на тензиите во Струга и за извинување од вевчанци              

Претставници на ОБСЕ, МВР, Исламската верска заедница и јавните установи во општина Струга денеска одржаа пак итна средба со струшкиот градоначалник  Рамиз Мерко и со локалниот Совет за превенција.

На средбата се разговараше за последните случувања во општината кои ескалираа после синоќешниот обид за палење на црквата „Свети Никола“ во селото Лабуништа. Заклучено е да се осудат последните случувања кои можат да влијаат негативно на добрите меѓуетнички односи кои биле карактеристика за Струга.

„Советот за превенција побара јавно извинување од страна на градоначалникот на општина Вевчани и од организаторите на Вевчанскиот карневал. Исто така, на средбата беше побарано од надлежните институции, сите учесници во карневалот кои ја понижија исламската вера и коранот да се повикаат од страна на полицијата и ако јавно не се извинат против нив да се покренат кривични пријави“, соопшти Мерко по двочасовната средба.

Во врска со синоќешното палење на црквата во село Лабуништа и другите инциденти кои се случија деновиве, од страна на Советот беше побарано надлежните институции најитно што може да ги откријат сторителите и против нив да поднесат соодветни пријави. Беше упатен апел и за смирување на тензиите.

Советот за превенција в четврток ќе одржи уште една седница, со цел смирување на тензиите.

МПЦ ги осудува настаните во Струшко

Македонската православна црква од своја страна најостро ги осудува неодамнешните и синоќешните настани во Струга и Струшко, кои придонесоа за нарушување на меѓуетничкиот мир и верската толеранција во Република Македонија.

„Православната вера не познава свештен обред на карневализација, па затоа Вевчанскиот карневал нема ништо заедничко ниту со православието, ниту со празникот на свети Василиј Велики, ниту со Јулијанската Нова Година. Карневалот е одлика и остаток од политеистичките религии, па оттаму зачудува поврзувањето на православната вера и Православната црква и особено посегнувањето по православниот храм, најпрво со пишувањето на непристојни графити и навредливи пораки, а потоа и со подметнување на пожар во православното светилиште во Лабуништа“, се вели во денешното соопштение од МПЦ.

Struga Innenstadt, Mazedonien

Апел за смирување на тензиите во Струшко

СДСМ: Груевски да реагира за случувањата во струшко

Премиерот Никола Груевски да реагира за последните случувања во струшко и смирувањето на страстите да не се остави единствено на градоначалниците на Струга и Вевчани, побараа од СДСМ. Ги осудуваат, како што велат, сите политички провокации кои смислено си поигруваат со емоциите на Mакедонците и Aлбанците. Бараат осуда да стигне и

од првиот човек на македонската влада, кој моментално престојува во Турција.

Во Струга владеат повеќедневни меѓуетнички тензии по протестите на локалното албанско население против исмејувањето на исламот и коранот на вевчанскиот карневал. Пред неколку дена во Струга беше запалено и македонското знаме. Исламската верска заедница вчера обвини дека во Македонија постои исламофобија, која е комбинирана со владина пропаганда.

Автор: ЖА/АМ/миа/макфакс

Редактор: Александар Методијев

DW.COM