1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Груевски не смее да формира влада

БГ
13 декември 2016

Лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев попладнево на прес-конференција порача дека не смее да се дозволи поранешниот премиер Никола Груевски да формира влада. Апелира до останатите партии да не соработуваат со него

https://p.dw.com/p/2UCrr
Mazedonien Zoran Zaev
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Претседателот на СДСМ, Заев повикува да се почитува изборната волја на граѓаните и им порачува на останатите парламентарни политички партии „да не помислуваат да ја поништат“ таа волја.

„Мнозинството гласаа за живот, избраа промени и порачаа дека не сакаат криминалци да владејат во Македонија“, рече Заев на денешната прес-конференција, прва откако ДИК ги соопшти првичните официјални резултати.

„Никола Груевски не смее да формира влада во Република Македонија“, рече тој.

 „Поразивме режим со пенкало и глас, ја обединивме мултиетничка Македонија“.

Заев одби директно да одговори на новинарско прашање дали би коалицирал со ДУИ на Али Ахмети, но рече дека неговата партија е во контакт со сите останати партии кои освоија пратенички места.

Нејасно е дали СДСМ би прифатила и евентуална широка коалиција во која би учествувала и ВМРО-ДПМНЕ. Заев рече дека власта и опозицијата во иднина треба да соработуваат во интерес на сите граѓани и најави соработка со сите.

СДСМ ќе поднесе приговори поради утврдени неправилности за повеќе избирачки места. Што точно ќе бидат забелешките во приговорите утврдува правниот тим на опозициската коалиција, но партискиот лидер смета дека доколку бидат прифатени СДСМ би можела да добие уште едно пратеничко место.

„Првичните неофицијални резултати ги збунија граѓаните. Укажувам дека конечните официјални резултати допрва следуваат. Постојат разлики во избирачките места, СДСМ има поголем број мандати во Изборната Единица 6 со што соодносот на пратениците е 50:50“, рече Заев поздравен од аплауз на партиските симпатизери во прес-центарот. 

Mazedonien Wahlen Anhänger der regierenden VMRO-DPMNE feiern den Sieg
Симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ синоќа ја славеа изборната победа пред партиското седиште во СкопјеФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

„Очекувам транспарентно одлучување на ДИК“, рече Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски синоќа во говор до своите сопартијци порача дека неговата партија ќе се фокусира на „намалување на политичкиот јаз меѓу граѓаните“ обвинувајќи го СДСМ дека посеал гнев и омраза.

„И јас лично, и новата влада, и ВМРО-ДПМНЕ, ќе работиме на намалување на тој јаз и заедно сите обединети ќе ја градиме Македонија како земја со поголеми работни места и држава која ќе се движи кон Европската унија“, порача Груевски. 

Според првичните официјални резултати кои доцна синоќа ги објави Државната изборна комисија, ВМРО-ДПМНЕ победила на изборите со освоени 51 пратеничко место. Коалицијата на СДСМ освоила 49, ДУИ-10, Беса-5, Алијансата за Албанците-3 и ДПА две пратенички места.