1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Заев: Македонија е во сложена и проблематична политичка ситуација

Новиот претседател на опозициската СДСМ вели дека во Македонија власта го контролира судството и ја загрозува слободата на медиумите. Заев очекува иницијатива за решавање на спорот за името.

Благо кажано, сложена и проблематична е политичката ситуација во Македонија, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за бугарската агенција Фокус. „Република Македонија е држава во која владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и неговите коалициони партнери покажа сериозни пропусти и слабости. Во Македонија институциите на системот се нефункционални и под притисок на владејачката гарнитура. Наместо реформирано, имаме контролирано судство. Сериозно е загрозена слободата на медиумите, а има случаи на притворени новинари без издржано образложение“, вели Заев.

За тоа која е оцената за европската интеграција на Македонија и што значи неспомнувањето на Македонија во заклучоците од Самитот на ЕУ, Заев вели дека додека земјите од регионот бележат видлив напредок (Хрватска стана членка на ЕУ, Србија доби почеток на преговори, Црна Гора е веќе во процес на преговарање со Унијата. Косово ја доби Спогодбата за стабилизација и асоцијација), Македонија место предводник, се стекна со епитетот „Турција на Балканот”.

„Само несериозна и неодговорна влада причините за ваквиот стратешки неуспех може да ги препише на двојните стандарди на земјите членки на ЕУ, или да ја обвинува опозицијата, притоа без ниту еден збор самокритичност за сопствените политики. Факт е дека оваа власт доживеа целосен неуспех во евроинтегративните процеси, за кој премиерот Груевски и неговата влада мора да понесат одговорност“, вели Заев. За прашањето за името, новиот лидер на македонските опозициски социјалдемократи вели дека нема поконструктивна и попосакувана опозиција од СДСМ за која и да влада, меѓутоа, за жал, премиерот

Mazedonien Premierminister Nikola Gruevski & Zoran Zaev SDSM

Премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев

Груевски одлучил да го монополизира и авторизира ова прашање.

„СДСМ и опозицијата во Македонија е целосно исклучена од процесот на преговарање. Можеби звучи неверојатно, но дури ниту за содржината на последниот предлог на посредникот на ОН, господинот Метју Нимиц, ние како најголема опозициона партија немаме никакви информации. Потребна е иницијатива од страна на претседателот на владата и претседателот на државата, но во насока на решение на проблемот, а не консензус за поддршка на досегашните неуспешни политики“, додава Заев.

Добрососедските односи не можат и не смеат да бидат еднонасочни, смета Заев, а Македонија има потреба и обврска да гради искрени и блиски релации со соседите, но, исто така, тоа е обврска и на соседните држави.

„Не смее да се злоупотребува привилегијата на членство во ЕУ, или големината на земјата по бројност на население и дисперзираност на малцинствата за проблематизирање и наметнување притисок во меѓусебните односи. Сите ние треба да се воздржуваме од провокации, да ги оставиме зад нас фрустрациите од минатото и без комплекси и предрасуди да пристапиме на процесот на меѓусебна соработка“, вели Заев, додавајќи дека Бугарија и Македонија треба што поскоро да изнајдат заемна согласност и да ги надминат меѓусебните недоразбирања.