1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Заев и Шекеринска на средба со Филе

Во најавата на СДСМ не се наведува за кои теми највисокото раководство на партијата ќе разговара со еврокомесарот Филе, ниту дали се предвидени други средби за време на дводневниот престој во Брисел.

Претседателот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев, заедно со заменик-претседателката Радмила Шеќеринска, утре во Брисел ќе се сретнат со комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе.

Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, во изјава за МИА денеска потврди дека еврокомесарот за проширување, невообичаено, на утрешниот православен Божик, ќе се сретне со водечката двојка на најголемата македонска опозициска партија.

„Можам да го потврдам утрешниот состанок меѓу претседателот на СДСМ и комесарот Филе, на кој ќе присуствува и госпоѓата Шеќеринска. Ова е дел од константните и тековни контакти што комесарот Филе ги има со сите учесници и засегнати страни од земјите во неговото портфолио. На агендата на комесарот не гледам дека ќе има друг состанок со политичари од БЈР Македонија во следните неколку денови, но дефинитивно ќе има повеќе во текот на оваа година, која ќе биде многу интензивна“, вели портпаролот Стано.

Гласноговорникот не откри што ќе разговара првиот човек за проширување со првите луѓе на СДСМ, но јасно е дека евроинтегративниот процес на Македонија и улогата на опозициската партија во него е главна тема на утрешните разговори.

За тоа кога ќе се одржи следната рунда од Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), што во заклучоците на последниот Самит на Европскиот совет беше потенцирано како клучна алатка во односите меѓу Унијата и Македонија, гласноговорникот на Филе со одговор: За ХЛАД-от нема специфичен датум, но можам да потсетам што кажа комесарот во однос на следната рунда од Високиот дијалог со Македонија, а тоа е дека според условите, кога ќе имаме датум ние ќе објавиме кога истиот ќе се одржи во Скопје.