1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Заев и СДСМ со критики за Управниот суд

По пресудата на Управниот суд со кои беше потврдена одлуката за прегласување на три избирачки места во Струмица, кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ, Зоран Заев, изрази незадоволство.

За судиите од Управниот суд во сите други избирачки места белото е бело, само за избирачките места во Струмица белото е црно, изјави денеска (02.04) кандидатот за градоначалник на Струмица од Сојузот за иднината, Зоран Заев.

„Ако Управниот суд суди во името на граѓаните, тогаш во недела граѓаните ќе ја имаат конечната пресуда. Струмица е... и ќе остане остров на слободата во нашава земја која е поробена од оваа власт“, рече Заев.

Тој додаде дека со прегласувањето на трите изборни места, „Струмица повторно ќе докаже дека е на страната на правдата и на праведните“.

Судот со одбивањето на тужбите на Сојузот на иднината, според опозициската СДСМ, ставил печат на „политичката инквизиција на ВМРО ДПМНЕ во ДИК, каде сите одлуки беа донесени со еклатантно политичко надгласување 4:3, откако Управниот суд ги отфрли тужбите што ги поднесе Сојузот на иднината за одлуките на ДИК“.

„Нема појасна потврда дека во оваа држава не се суди согласно Устав и
Закон, туку единствен критериум се желбите на еден човек и ’фамилијата’. Управниот Суд со одбивањето на нашите тужби легитимираше и 3 скандалозни политички приговори на ВМРО ДПМНЕ за Струмица, кои немаат никаков правен основ ниту аргумент, туку се безобразен обид да му се украде победата на СДСМ и Зоран Заев“, изјави потпретседателот на СДСМ, Гордан Георгиев.
Тој ги повика граѓаните масовно да излезат на вториот круг од локалните избори, за, како што рече, да се спротивстават на манипулациите на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО ДПМНЕ: СДСМ продолжува да бара алиби за изборниот пораз

„СДСМ наместо да ја прифати реалноста, родолжува да бара алиби кај сите други за својот изборен пораз. Досега лгасачите им беа виновни, а сега се обидуваат вината да ја лоцираат во институциите, кои што се надлежи согласно Уставот и Законот да решаваат за изборните прекршувања“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференцијата на Гордан Георгиев од СДСМ.

„И Државната изборна комисија и Управниот Суд потврдија прекршување на изборниот процес во три изборни места во Струмица. Во СДСМ се свесни дека сe‘ повеќе ја губат поддршката од граѓаните и затоа манифестираат знаци на нервоза и страв“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, во која се додава дека „и јавноста и надлежните инсититуции, но и меѓународниот фактор, потврдија дека локалните избори 2013 беа фер и демократски, без поголеми прекршувања на изборниот процес“.

Претходно, Управниот суд ги одби тужбите на СДСМ на одлуките на ДИК да го поништи гласањето за градоначалник на три избирачки места во Струмица. Тоа значи дека в недела (07.04) во Струмица ќе има прегласување на избирачките места 1727, 1730 и 1734, потврдено е од Управниот суд.

Вкупниот број на гласачи во овие три избирачки места е 3.255, а на гласањето на 24 март излегле 2.553 граѓани.Од нив најмногу гласови добиле кандидатот на СДСМ Зоран Заев 1.436 и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Васил Пишев 1.034. Неважечки биле 67 ливчиња. Разликата во првиот круг од гласањето меѓу Заев и Пишев во Струмица изнесуваше 2.096 гласа во полза на кандидатот на СДСМ.

Од вкупно 142 тужби Управниот суд уважил само една тужба на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за избирачкото место 0734 во Кичево. Од судот велат дека со таа тужба во Кичево нема да се смени видно состојбата и оти изборот на Фатмир Дехари за градоначалник е сигурен, јави Слободна Европа

Одбиени се и жалбите на СДСМ за прегласување во Аеродром, Штип, Прилеп, како и 35-те тужби на ДОМ и четирите на Демократската партија на Турците за Пласница.

Најголем дел од тужбите поднесени до Управниот суд, вкупно 102, беа од опозицискот „Сојуз за иднината“. Одлуките на Управниот суд се конечни.