1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Заев: Да ги оставиме разликите, ова е нов почеток за Македонија!

Мандатарот најави брзо формирање влада и изградба на едно општество за сите. Иванов е под критики од досегашните поддржувачи, кои бараат да ги амнестира обвинетите за насилството од 27 -ми април.

Поделени се реакциите во јавноста, откако претседателот на Република Македонија,Ѓорге Иванов, денеска напладне му го врачи мандатот за состав на влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Шефот на државата соопшти дека мандатот е доделен откако се отстранети досегашните пречки, односно обезбедени гаранциите што тој ги барал за зачувување на унитарноста на државата. Зоран Заев јавно ја прочита изјавата што ја доставил до Иванов, како гаранција за заштита на унитарноста, сувернитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста, заштитата на уставниот поредок и на државните интереси.

На социјалните мрежи расте бројот на критики до претседателот Иванов од оние кои до вчера максимално го поддржуваа, прогласувајќи го за „најголем македонски патриот“. Неговите поддржувачи сега „за возврат“ бараат да ги амнестира оние кои се обвинети за насилните акти во парламентот на 27-ми април. За други, доделувањето на мандатот „е задоцнет и лицемер потег, кој доколку бил реализиран навреме, немало да се случи насилство“.  

Во аналитички кругови нема големо изненадување. Комуникологот Петар Арсовски во потегот на шефот на државата гледа ретерирање во ставот на ВМРО-ДПМНЕ, а не лична одлука на Иванов.

„Мислам дека давањето на мандатот од страна на претседателот Иванов е повеќе индикација на вкупна смена на стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ отколку на сопствена, автохтона одлука. Кај таа партија се забележува едно престројување кон деескалација на состојбите, кое очекувам да продолжи.  Се разбира, Иванов тука игра по диктат, а не по сопствена одлука. Во таа смисла очекувам дека некаков минимален 'театар' ќе продолжи, но сметам дека треба да се очекуваат потези од страна на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе одат во правец на реализација на потребата за конструктивна опозиција, со престројување кон институционална борба и прифаќање на новата политичка реалност“, прогнозира Арсовски.

Симболичен датум

Она што остана забележано при тв- преносот од церемонија на доделувањето на мандатот, е дека тој чин помина во ладна и формална атмосфера, со ракување меѓу шефот на државата и мандатарот Заев, но без ниту една насмевка. Според аналитичарот Рамадан Рамадани, индикативно е што давањето на мандатот уследило многу брзо по изјавата на американскиот помошник државен секретар за Европа и Азија, Хојт Брајан Ји - дека се очекува претседателот Иванов да стори се што е неопходно за мнозинството да го добие мандатот.

„Случајно или не, Иванов го даде мандатот по изјавата на Хојт Ји. Второ, има една голема симболика и датумот на кој е даден мандатот. Тоа е 17-ти мај, денот кога пред две години се одржа големиот граѓански протест пред Владата, а до денеска се заокружува еден подолг процес на битка за рушење на режимот. Мора да е голем пропуст на режимот, што претседателот го даде мандатот токму на овој ден, а не ден претходно или ден подоцна“, вели Рамадани.

Американскиот помошник државен секретар Хојт Ји, кој е на турнеја по Балканот, претходно изрази очекување парламентарното мнозинство во Македонија да добие мандат за формирање влада.

„Сите ние очекуваме Влада и дека претседателот ќе стори се што е неопходно согласно демократските норми. Од европските парламентарни демократии се очекува да почиваат на принципот според кој мнозинството има право да формира Влада. И тоа е она што ние го очекуваме. Претседателот, со кого се сретнав и остварив многу добар разговор, ги разбира нашите очекувања не само од САД, туку и од високата претставничка Могерини и комесарот Хан, како и од многу земји членки на ЕУ“, рече Ји во интервјуто за БИРН.

Заев: Да ги оставиме разликите

По добивањето на мандатот Заев даде изјава за јавноста. 

„Го добив мандатот и во брзо време ќе биде формирана новата влада. Гаранциите ги дадов пред целата јавност. Се обврзав на изградба на граѓанска, унитарна и европска Македонија, за правда и правна држава, со почитување на мултиетничноста и Охридскиот договор. На 17 мај пред две години граѓанска Македонија испрати порака дека граѓаните се подготвени заедно да работат на работите што ги спојуваат, а не што ги делат. И денеска ја имаме таа потреба - да изградиме едно општество за сите. Демократијата не се гради преку ноќ. Ве повикувам сите, бидејќи сите сте потребни во овој процес. Да ги оставиме разликите, омразата, деструктивните политики. Новата влада ќе биде влада на сите граѓани. Овој ден е нов почеток за Македонија“, порача Заев.

Новиот мандатар, според Уставот, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието треба да му поднесе програма и да го предложи составот на Владата. На предлог на мандаторот и врз основа на програмата, Собранието  ја избира владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Актуелното парламентарно мнозинство во 120-членото Собрание има поддршка од 67 пратеници на коалицијата предводена од СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијансата на Албанците.

 

DW.COM