1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Зад учтивиот документ се крие скепса на Брисел

Интервју со Гералд Кнаус,претседател на Европската иницијатива за стабилност за слабостите на Извештајот на ЕК,за пропустите на Македонија и за шансите за вето од Грција за прием на земјата во НАТО и ЕУ

default

Кнаус:ЕУ треба да биде појасна во барањата

Д.В: Во Извештајот на ЕУ Македонија лошо помина.Поради неостварнеите очекувањата во земјата ќе има разочарување,затоа што 2008 година повеќе не стои како датум за започнување на преговорите.Зошто Македонија доби таква оценка?

Гералд Кнаус:„Ми се чини дека има две нивоа на кои треба да се чита извештајот за Македонија. Го прочитав уште еднаш и ако извештајот се посматра само технички, тогаш документот е урамнотежен . Се говори за напредок во една, за некои проблеми во друга област. Се создава впечаток дека работите донекаде се одвиваат нормално .Но извештајот не го прикажува вистинското расположение во Брисел . Инаку, расположението во Брисел е во знак на некои видливи проблеми од последната година , на недоразбирањата меѓу Македонија и Грција, на големите недоразбирања меѓу водечките македонски политички сили. Така погледнато извештајот е многу учтив документ, зад кој се крие многу поголема скепса одошто може да се претпостави кога извештајот се чита. “

Дали како главна причина за негативните оценки се смета непостоењето дијалог во државата?Дали Македонците тоа не го сватиле иако толку многу посакуваат да влезат во ЕУ?

„Ако ме прашате каде ги гледам слабостите на Извештајот,тогаш тоа е во тоа што не се кажува доволно јасно што се конкретно работите што Македонија треба да ги направи за да добие загарантиран датум за преговори.Некои работи се фалат,некои се критикуваат,но на крај на краиштата не е јасно што и е важно на ЕУ.Секако дека затегнатостите меѓу претседателот и владата,а уште повеќе меѓу опозицијата и владата играат голема улога при составувањето на Извештајот,се создава впечаток дека во Македонија во последната година за владеачкиот слој членството во НАТО и ЕУ станало помалку важно.Дали е тоа така или не,не знам,но во Брисел станува се појасно чувството дека во македонската ватрешна политика на ЕУ не и се придава такво големо значење како пред две или три години. “

Дали главно одговорноста се бара во Македонија,дека не се грижела за членството, или пак тоа повеќе се должи на кризата во ЕУ, така што таа сака да ги држи малку подзатворени вратите ?

„Ми се чини, и од двете понешто.И едното и другото е точно.На една страна ЕУ,а тоа не е ништо ново,во 2002 ,2003 и 2004 година водеше скептична политика што се однесува до примање нови членки и отпочнување преговори со нив.Но сепак,во минатото македонската политичка класа успешно се справуваше со тоа.Да помислиме само на кампањата на претседателот Трајковски и на поранешните влади, пред да се постави барање од страна на Македонија за членство и исто така ако се има предвид и имиџот што си го создаде Македонија со имплементацијата на Охридскиот договор ,значи,ако се потсетиме на сево ова,паѓа в очи дека слична кампања не се спроведува повеќе.Од овој аспект во Брисел одговорните се чудат поради некои одлуки,како на пример за преименување на аеродромот во време кога на Македонија и се потребни пријатели во ЕУ.Тоа исто така да се направи на тој начин, иако секој во Скопје знае дека тоа ќе се свати како провокација.Тоа секако ги збунува и пријателите на Македонија.Секако дека и двете работи играат улога.ЕУ никогаш не е таа која им приоѓа на земјите и им вели:ние по секоја цена сакаме да направиме непредок.Улогата на Комисијата е пред се да укаже на проблемите.

Затоа е потребно заинтересираните земји сами изразено да спроведуваат кампањи и активности, како израз на силна желба да влезат во ЕУ.Тоа во последнава година ипол може да се каже недостасуваше.“

Меѓутоа, Романија и Бугарија станаа членки на ЕУ,а извештаите од последно време укажуваат на голем број недостатоци,дали можеби во ЕУ се игра некаков театар и од земјите аспиранти се бараат вакви или онакви реформи,а на крајот сепак се работи за политички одлуки?

Секако дека се работи за политички одлуки,но тоа не се самоволни одлуки.Како што и Вие велите,и јас гледам опасност од тоа дека може да се создаде впечаток дека овде и од страна на Европа се играат игри,но токму поради тоа можеби е важно ЕУ сосема јасно да каже што очекува од земјите кандидати.Конкретно да каже: ако тие работи се исполнети,ќе уследи следниот чекор.Во случајот на Македонија, би било од голема помош кога ЕУ јасно би рекла:ако се подобри политичката клима во земјата и се постигне консензус што се однесува до европските прашања,ако уследат конкретни реформи,тогаш ќе биде можно како слободно патување без визи во ЕУ, така и отпочнување на преговорите веќе наредната година.Ако такви реформи не уследат,тогаш не.Таквата јаснотија би била многу важна за реформските процеси во Македонија.Од друга страна пак, ако се направи споредба со тоа со каква решеност на пример бугарските влади во последните години пред бугарското членство беа јасно ориентирани кон целта-ЕУ,тогаш некои земји од западен Балкан можат од тоа само да научат, затоа што во овој период таква решеност не се забележува кај многу влади од западен Балкан.“

Но,не може да се рече дека токму во Македонија недостасува решеност.Во што е суштината на проблемот?

„Значи,важно е дали постои изразен национален консензус за членство во ЕУ,така што во Брисел и кај членките на ЕУ би се создало чувство дека македонската влада или некоја друга влада на земја кандидат, членството во ЕУ и се што е потребно за тоа го става во центарот на своите залагања.Во последно време таквото чувство донекаде се загуби, а приказната со името на аеродромот е само израз на тоа.Пријателите на Македонија се исто така збунети и не можат да поверуваат што токму во оваа фаза се создава сосема непотребен проблем.Дури и пријатели на Македонија, кои мислат дека во спорот со името грчката политика е ирационална,се чудат зошто се долева масло во огнот.А што се однесува до внатрешната политика,погледнато отстрана,постои чувство дека националниот консензус во однос на големата цел,во правец на ЕУ да се следи примерот на Хрватска и да се напредува,не е толку изразен како пред неколку години.А последиците од тоа се видливи во економијата,така што странските инвестиции во Македонија се и натаму разочарувачко ниски и покрај од Комисијата пофалените напредоци во различни области на економската политика. Тоа е така затоа што на странските инвеститори сеуште не им е јасно дали е Македонија на прагот да стане членка на ЕУ во догледна иднина или пак сеуште му припаѓа на тој свет,во кој спаѓаат Србија,Косово и БиХ,значи, на еден нестабилен Балкан,каде во секој момент можат повторно да се појават затегнати односи.Значи,да се создаде чувство дека не му се припаѓа на тој Балкан од минатото,туку кон Хрватска,Бугарија,Романија,значи на светот на источноевропските ЕУ членки,тоа е главна задача за секоја македонска влада.“

Во Извештајот на ЕК се критикува и решавањето на спорот меѓу Македонија и Грција околу името.Што мислите Вие,по средбата на двете страни со преговарачот на ОН,Метју Нимиц,какви се шансите?

„Ах,и тоа не е нов проблем.И во минатото често се поставуваше прашање како тоа ќе се одрази врз напредокот на Македонија.Досега никогаш немаше грчко вето и тогаш кога се работеше за Спогодбата за стабилизација и асоцијација,ниту пак кога се работеше за кандидатскиот статус.Тоа што сега е ново, е исто така чувството кај пријателите на Македонија дека сензибилноста од страна на македонската влада по ова прашање во последно време донекаде е загубена.Се прашувам,кога некој ќе излезе и ќе признае од страна на владата дека тоа со аеродромот сепак беше грешка.Од друга страна пак,позицијата на Македонија што се однесува на спорот,е зацврстена,затоа што во последните години се чинеше дека трендот е во корист на Македонија.“

Тоа беше така досега,но дали сега Грција не добива поддршка затоа што можеби, а тоа е и моето прашање,ЕУ не знае како да постапи со Македонија,па се крие зад ветото на Грција?

„Јас тоа не го гледам така.За да се направи напредок, најважни за секоја земја на Балкан се две работи:во рамките на ЕУ, каде е спорно прашањето за проширувањето,да имаш вистински пријатели,како кај земјите членки,така и во институциите,во Комисијата,а исто така и во соседството.Такви пријатели се важни за да се залагаат во гремиумите на ЕУ.Македонија во тоа успеа кога се работеше за кандидатскиот статус.Но таквите пријателства треба да се негуваат и да им се даде чувство дека навистина се мисли сериозно.Втората работа е внатрешен консензус во земјата.Треба да се има впечаток дека за ваквите важни работи сите политички сили,опозицијата и владата,претседателот и премиерот,заеднички го посакуваат тоа.Ако се погледнат извештаите во медиумите во последната година,се добива впечаток дека тоа не е така.Дали таквиот впечаток е вистинскиот и кој е виновен за тоа,не може да се каже однадвор.Но би било важно да се размисли како имиџот на Македонија, како земја која се справи со меѓуетничките проблеми и има заедничка цел да стане членка на ЕУ, може да се обнови.“

Грчката министерка за надворешни работи Бакојани е на турнеја по Европа и лобира за Грција по прашањето за името.Што мислите,како ќе се развива ситуацијата?

„Ми се чини дека без придвижување на Македонија, позицијата на Грција ќе наиде на повеќе симпатии отколку што тоа беше случај пред две години.Не се работи за името,туку за работи како што е името на аеродромот.Трендот во последните години беше се повеќе европски држави да ја признаваат Македонија под нејзиното уставно име.Според мое мислење,поради аеродромот,таквиот тренд беше доведен во прашање.Дури и пријатели на Македонија прашуваат што сака владата со тоа,а во Грција тоа им ја олеснува работата на националистите и тврдолинијашите,да вршат притисок врз јавното мислење и за нив е олеснето аргументирањето ако во Грција постои чувство дека и така и така на страната на македонската влада не постои добра желба.“

Значи ли тоа дека сега е можно и вето на Грција за членството на Македонија во НАТО?

„Значи,ако се работеше само за името,пред една година или година ипол би рекол дека вето не е веројатно,зашто Грција и самата има стратегиски интерес од проширување на ЕУ и на НАТО,но ако човек го има во вид влошувањето на атмосферата меѓу двете земји,тогаш мислам дека вето денес е поверојатно отколку што тоа беше пред година ипол или две.А тоа е штета,тоа е неуспех на дипломатијата.“