1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Задоцнет божиќен подарок за уапсените Германци

Двајцата репортери на германскиот весник „Билд ам зонтаг“ речиси три месеци се во затвор во Иран. По повеќенеделните дипломатски напори, Иран дозволи средба на притворените новинари со нивните најблиски.

default

Уапсениот фотограф Јенс Кох

Двајцата германски новинари кои се во притвор, Маркус Хелвиг и Јенс Кох, синоќа (27.12) се сретнаа со двајца членови на нивните семејства, потврди министерството за надворешни работи во Берлин. Средбата се одржала во градот Табриз, околу 600 километри северозападно од Техеран. Двајцата новинари од германскиот весник „Билд ам зонтаг“ се во притвор во Табриз веќе единаесет недели.

Се‘ уште не се објавени детали за средбата, а иранските медиуми досега не известуваа за тоа. На Бадник во Техеран пристигнаа сестрата на уапсениот репортер, Маркус Хелвиг, и мајката на уапсениот фотограф, Јенс Кох. Тие таму ги поминаа божиќните празници во исчекување да им биде овозможено да ги видат своите најблиски.

Надеж за уапсените новинари

Westerwelle bei Clinton in USA

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле

На почетокот од декември иранското министерство за надворешни работи соопшти дека постои можност двајцата уапсени Германци да се сретнат со своите најблиски за Божиќ или за новогодишната вечер. Иако изјавата од министерството не беше конкретно одобрение за средба, во Германија се разбудија надежите дека средбата е можна.

Таа сепак не се оствари на божиќната вечер, па затоа вчера (27.12.) иранскиот амбасадор во Берлин беше повикан во министерството за надворешни работи. Притоа државниот секретар Волф-Рутарт Борн изрази големо незадоволство што не била овозможена средба за празниците, изјави портпаролот на министерството во Берлин. Вчера (27.12) исто така и германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле повеќепати телефонски разговараше со неговиот ирански колега Али Акбар Салехи, кој потоа веднаш им овозможи на најблиските да ги посетат уапсените новинари.

Министерот Вестервеле му се заблагодари на неговиот ресорен колега во Техеран за поддршката, изјави денес (28.12.) портпаролката на германското министерство за надворешни работи. Таа го цитираше министерот: „Германската влада и понатаму вложува напори за што поскоро враќање на нашите двајца државјани во Германија.“

Новинари без неопходната акредитација

Sakine Mohammadi Ashtiani

Уапсените новинари сакаа да го интервјуираат синот на Сакине Мохамади-Аштиани

Двајцата германски новинари, репортерот Маркус Хелвиг и фотографот Јенс Кох, беа уапсени во октомври во градот Табриз. Тие сакаа да го интервјуираат синот на уапсената Сакине Мохамади-Аштиани, Иранка која беше осудена на смрт со каменување. Иранските власти ги обвинуваат двајцата германски новинари за непочитување на правилата при влез во земјата. По нивното приведување, ирански државен правобранител на пресконференција изјави:

„Двајцата Германци воопшто не се новинари, не поседуваат никакви документи за да го докажат тоа. Тие дале лажни податоци и влегле во земјата како туристи.“

Иранските власти ги обвинуваат двајцата Германци поради тоа што очигледно немале соодветна виза за новинари, задолжителна за влез во Иран. Исто така, тие по пристигнувањето не побарале акредитација, која е неопходна за да работат како новинари.

Автор: Штефен Вурцел/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Трајче Тосев