1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Задолжувањето на земјите во забрзан развој е значително намалено

Додека индустриските земји во последните десет години натрупуваа долг од речиси 120 проценти од своите економски перформанси, долгот на земјите во забрзан развој се преполови.

Во деведесеттите години на минатиот век, речиси секоја од десетте најголеми земји во забрзан развој барем еднаш мина низ тешка финансиска криза. Прва беше Индија. Таму, во периодот меѓу 1989-та и 1991-ва година, зголемените државни трошоци и намалените даночни приходи доведоа до економска и финансиска криза со вообичаени симптоми – висока инфлација и растечки државен долг. Повлекувањето на странскиот капитал и недостатокот на државните фондови предизвика кредитниот рејтинг на земјата да се спушти на речиси безвредно ниво.

Мексиканската влада во декември 1994-та година веќе не можеше да го одржува курсот на пезосот во однос на американскиот долар, што доведе до општа криза на довербата. Последица од тоа беше големото повлекување на странскиот капитал. Недостигот на капитал потоа создаде потешкотии за мексиканските претпријатија, што резултираше со општа економска криза, т.н. текила-криза.

Indonesien aufstrebendes Schwellenland

Индонезиската економија имаше потешкотии во 1997-ма година

Кореја и Индонезија во 1997-ма година имаа тешкотии, а во 1998-ма и Русија и Бразил. Државниот банкрот на Аргентина во 2001-ва година беше дотогаш најголематото забележано запирање на плаќањата. Заклучок – од десет најголеми земји во забрзан развој, кои во стручниот жаргон се нарекуваат ЕМ-10, во последната деценија на минатиот век само Кина и Саудиска Арабија успеаја да избегнат поголема финансиска криза.

Сето тоа е минато

„Многу е подобрено. Поради силно подобрената екстерна и јавна должничка позиција, кризата на државниот долг и платните биланси во десетте најголеми пазари во развој е минато“, резимира Маркус Јегер, кој ги испитуваше должничките позиции на тие земји за едно истражување на Дојче банк. Државниот долг на земјите ЕМ-10 од 2000-та година се преполови во просек од 50 на 25 проценти од БДП. Наспроти тоа, задолжувањето на Г-7 земјите во меѓувреме порасна од речиси 80 на околу 120 проценти од БДП, нагласува Јегер.

На пример, Индонезија и Саудиска Арабија забележаа намалување на своите долгови од 95, односно 87 проценти од БДП на 25, односно осум проценти. Иако Бразил и Индија со речиси 70 проценти се најзадолжените меѓу ЕМ-10 земји, тоа и натаму е далеку под просекот на индустријализираните земји. Освен тоа, двете земји речиси во целост се задолжени во својата валута, во најголем дел кај домашни вложувачи.

G20 Gruppenbild 2012 Los Cabos Mexiko

Задолжувањето на Г-7 земјите во меѓувреме од 80 порасна на речиси 120 проценти од БДП

Исто така, надворешната позиција на новите економии е подобрена енормно. Денес, десетте најголеми пазари во развој се многу повеќе интегрирани во светската економија отколку што беа пред десет години. Но, ова има и недостатоци: силната интеграција на економиите во развој во светската трговија ги има направено почувствителни на надворешните шокови.

„Тие стануваа се‘ повеќе чувствителни кога станува збор за растот, а тоа може и да се види, но истовремено оттогаш расте способноста на многу земји за спречување на рецесијата. И тоа се должи на подобрувањето на финансиската стабилност, а во меѓувреме исто така многу земји имаат стекнато кредибилитет на финансиските пазари, а тоа ги прави странските инвеститори подготвени да финансираат во овие земји“, вели Јегер.

Економскиот аналитичар заклучува дека поголемите пазари во развој можат да доживеат значително подобрување во нивната финансиска ситуација. Спротивно на тоа, долгот на Г-7 земјите, според актуелните прогнози, кон средината на оваа деценија може да стигне на највисоко ниво. Нивните долгови ќе бидат за шестпати поголеми од оние на земјите во забрзан развој.