1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Задоволни и власта и опозицијата

И власта и опозицијата во Македонија во првичните реакции оценија дека изборите минале во фер и демократска атмосфера. СДСМ има забелешки на гласањето на дијаспората, Обединетите за Македонија ќе бара поништување.

default

И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ соопштија дека се задоволни од текот на вонредните парламентарни избори иако ниту една партија се’ уште нема ниту неофицијални резултати. Големиот одзив на граѓаните, и власта и опозицијата го оценуваат како показател за нивната поддршка. Се’ поизвесно е дека опозициските партии ќе го оспорат гласањето на дијаспората, каде убедлива победа однесе ВМРО-ДПМНЕ освојувајќи три пратенички места на сите три континенти, Европа, Америка и Канада, и Австралија.

SDSM Gebäude in Mazedonien

Централата на СДСМ

Конечниот одзив на денешните предвремени парламентарни избори укажува дека во Македонија преовладува опозициско расположение кое очекуваме да се преслика во изборниот резултат, рече портпаролот на Изборниот штаб на СДСМ Гордан Георгиев, на првата прес-конференција по завршувањето на гласањето за предвремените парламентарни избори.

Портпаролот на Изборниот штаб на СДСМ посочи дека граѓаните масовно излегле да гласаат и покрај сите, како што рече, закани и притисоци.

Георгиев истакна дека за разлика од масовниот одзив во Македонија тоа не било случај со гласањата на македонските државјани во дијаспората. „Сите три пратеника од дијаспората се избрани со вкупно 2,5 илјади гласа за разлика од изборните единици во Македонија каде за избор на еден пратеник во просек се потребни најмалку 8.000 гласа“, рече Георгиев.

И Обединети за Македонија најавија дека ќе го оспорат гласањето на дијаспората, оценувајќи го процесот како „фарса“.

VMRO DPMNE Gebäude in Mazedonien

Централата на ВМРО-ДПМНЕ

Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ оценија дека „негативната кампања на СДСМ, и на телевизијата А1, не успеале да ги поколебаат граѓаните да гласаат за реформите, наспроти транзицијата“. Според Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, големата излезност е доказ дека граѓаните избираат помеѓу реформите и транзицијата, односно му рекоа големо „не“ на Црвенковски.

ДПА има забелешки за неправилности

Во албанскиот политички блок, освен забелешките на ДПА за изборни нерегуларности, оценките на останатите партии се генерално позитивни и покрај малиот одзив на граѓаните во Шестата изборна единица, каде живеат мнозинство Албанци. ДУИ ги оценува изборите како мирни и демократски. Особено се задоволни од фактот што поминаа без никакви инциденти за разлика од неколку избирачки циклуси во минатото и што е уште еден доказ дека кога е ДУИ на власт се организираат фер и демократски избори, изјави партискиот портпарол Мухамед Хоџа. Нова демократија по завршување на гласањето оцени дека изборите поминаа без насилство и без тешки инциденти, на кој граѓаните покажаа висок демократски капацитет.

Автор: Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM